
септември 16, 2024
Во организација на #ILO (Меѓународната организација на трудот) , во периодот од 10-13.09.2024 година во Белград , се одржа работилница на тема: „Климатска акција, зелени работни места и праведна транзиција“, на која учество зедоа двајца претставници на ОРМ: д-р Орде Ѓорѓиоски, директор на правни и општи работи на „Витаминка“ АД Прилеп (членка на ОРМ) и Маја Штерјовски, HR менаџер во МТел Скопје (членка на ОРМ).
Целта на оваа работилница беше да се разберат клучните процеси поврзани со климатските промени на национално ниво, со фокус на спроведувањето на процесот на праведна транзиција и достоинствена работа. Посебен акцент беше ставен на потребата од интегрирање на праведната транзиција и социјалниот дијалог во претстојната ревизија на национално определените придонеси и во потенцијалните следни чекори.
Од суштинска важност беше да се сврти вниманието кон зелените работни места кои што треба да придонесат да се ублажи ударот од евентуалното губење на работни места кои што се поврзани со нееколошки дејности или услуги кои што отстапуваат од заложбите утврдени во националните
стратегии. Претходното е резултат на преземените обврски на глобално ниво, со постигнувањето на Парискиот договор за климатски промени од 2015 година, чија главна цел е да се ограничи глобалното затоплување до 1,5 °C до крајот на овој век. За да се ограничи глобалното затоплување на 1,5°C, емисиите на стакленички гасови мора да достигнат врв најдоцна до 2025 година и да се намалат за 43% до 2030 година. Се проценува дека на светско ниво загрозени се околу 1.2 милијарди работни места, но ILO (Меѓународната организација на трудот) се фокусира на позитивните аспекти и можностите за социјална инклузија кои ќе настанат како импликација од климатската транзиција како: 78 милиони нови работни места во циркуларната економија, 75 милиони работни места во области поврзани со решенија базирани на природата, 18 милиони работни места до 2030 година поврзани со енергетската транзиција итн.
На работнилницата зедоа учество и претставници од Република Србија, како и Босна и Херцеговина. Македонската делегација ја сочинуваа, покрај претставниците од ОРМ и претставници од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Министерството за економија и труд, како и од Сојузот на синдикати на Македонија.

