Состојбата во текстилната индустрија во Македонија

Состојбата во текстилната индустрија во Македонија

Состојбата во текстилната индустрија во Македонија
декември 28, 2021

На текстилните компании добро им тргна годинава. Уште пред крајот на 2015 се договорени нарачките до крајот на април, за следната летна сезона, и интензивно тече нивната подготовка за странските партнери. Освен традиционалните партнери од земјите од Западна Европа, карактеристично е што во изминатите месеци е голем интересот за соработка и на компании од Турција, кои поради блокадата на рускиот пазар, се насочуваат кон македонскиот и кон други, нови, поблиски пазари.

Според претседателот на Организацијата на работодавци на Македонија, воедно и сопственик на текстилната фабрика „Мода“ од Свети Николе, Ангел Димитров, освен тоа што турски компании бараат соработка со домашни фирми, од нивна страна има и интерес за инвестиции во текстилната дејност.

„Но, проблемот е што тие се заинтересирани за отворање компании за производство на големи количини на текстил за извоз, за кои им се потребни најмалку 600-700 работници, кои не можат да ги најдат во толкав број во Македонија. Значителен број на текстилци веќе работат во многубројните фабрики низ земјава, а од друга страна младите воопшто не се заинтересирани да се ангажираат во текстилна фабрика, пред се’ поради ниските плати“, вели Димитров.

Уште во текот на минатата година текстилните компании од источна Македонија алармираа на масовната појава на напуштање на работните места, посебно од страна на млади лица, кои одат во Италија да работат како сезонски работници.

„Таму работат по 3 до 4 месеци, се враќаат дома, па чекаат нова сезона за да заминат. Ако сакаат компаниите да го сопрат овој тренд, ќе треба да им понудат поголеми плати на младите или да воведат нови, автоматизирани машини со кои ќе можат да заменат најмалку четири работници“, вели Димитров. Според него, платите во текстилниот сектор во земјава се ниски, но не се многу пониски од оние во регионот. Кај нас работниците се платени по 8 до 9 евроценти за минута производство, во Србија 9 до 10 евроценти, во Бугарија 10 до 11 евроценти, а во Албанија 7 до 8 евроценти. Во Македонија, според процените на компаниите, во текстилната индустрија, со оглед на големата конкурентност, може да се исплати највисока плата од 300 евра.

Димитров посочува и дека за разлика од порано, во последно време европските партнери се’ повеќе бараат нарачки за таканаречената бутик-стока. Тоа значи производство на по два-три модели облека, во четири бои и во 10 величини.

„Партнерите од Европа се’ повеќе не ги прифаќаат големите серии кои ги чинат поевтино, и се ориентираат кон мали серии, за што веќе се специјализиравме во Македонија. Но, иако помалите серии треба да се платат повеќе, странците ги наплатуваат помалку, како да се големи. Инаку, моментално, сите домашни текстилни компании до крајот на април имаат полни раце работа за следната летна сезона и сите нарачки се покриени“, објаснува Димитров.

И минатата година не заврши лошо за текстилната дејност. Според последните податоци на Државниот завод за статистика за обемот на трговската размена со странство во периодот јануари-ноември 2015 година, во вредност од 8,9 милиони евра, лонот опфаќа 1,6 милиони евра. При тоа, извозот на текстилните, лон- производи изнесувал 970.000 евра, а на увозот на лон 650.000 евра. Вкупниот обем на лонот бил поголем за 10,9 отсто во споредба со 11 месеци од 2014 година, на извозот на лон за 11, а на увозот за 10,8 отсто.

Изјава преземена од Утрински весник.