декември 1, 2025
ОРМ одржа работна средба на која беа презентирани резултатите од Анкетата за боледувањата во компаниите. Презентацијата беше проследена со отворена дискусија со цел да се добие подлабока и поконкретна слика за состојбата во компаниите, како и да се идентификуваат јасни и применливи предлози за понатамошните институционални активности на ОРМ.
Резултатите од анкетата укажуваат на повеќе аспекти каде се потребни подобрувања – во законската рамка, во координацијата меѓу институциите, но и во однос на поддршката за работодавачите. Голем број компании забележуваат повторувачки боледувања кај истите вработени, често со различни дијагнози, што создава сомнеж за можни злоупотреби на правото на боледување.
Како главни предизвици при прераспоредување на работниците беа истакнати: недостиг на соодветно работно место, намалена продуктивност и финансиски импликации, потреба од дополнителна обука и адаптација, недоволни квалификации или интерес на работникот, како и организациски и административни потешкотии.
Од одговорите на компаниите и дискусијата на средбата произлегоа повеќе препораки за полесно и поефикасно справување со предизвиците поврзани со боледувањата и прераспоредувањата на работниците. Меѓу клучните предлози се:
• зајакната контрола на матичните лекари,
• задолжително второ мислење при сомнителни боледувања,
• воведување санкции за утврдени злоупотреби,
• скратување на периодот што паѓа на товар на работодавачот за исплата на надоместокот за боледување на 7 дена.
На средбата беше потенцирано дека при креирањето на политики неопходно е гласот на работодавачите континуирано да се слуша. Потребни се редовни консултации, анкети и форуми преку кои компаниите ќе можат да укажат каде системот функционира, а каде се потребни корекции. Само со заеднички пристап – преку блиска соработка меѓу државните институции и реалниот сектор – може да се изнајдат одржливи решенија кои ќе обезбедат фер и функционален систем за боледувања, истовремено зачувувајќи го работниот процес и продуктивноста во компаниите.
