Почитувани,
Организацијата на Работодавачи на Македонија, како партнер на проектот “Подобрување на вклученоста и влијанието на граѓанското општество во јавните политики за безбедност и здравје при работа и при донесувањето одлуки како подршка на државата во процесите на пристапување кон ЕУ” – EuropeAid / 155322 / DD / ACT / MK, кој го реализира Македонското здружение за заштита при работа, ви доставува повик за учество на двајца членови на ОРМ за учество на 4 (четири) обуки за обучувачи (ментори).
Учесници на овие обуки ќе бидат претставници од следните граѓански организации: Организацијата на работодавачи на Македонија, Македонско здружение за заштита при работа, Сојуз на синдикати на Македонија, Конфедерација на слободни синдикати, Македонско здружение по медицина на труд и Стопанска интересна заедница на заштитни друштва на Македонија ЗАПОВИМ – Скопје.
Учесниците на обуките ќе се стекнат со знаења како идни обучувачи. Од нив се очекува да ги пренесуваат своите искуства и стекнати познавања во нивните матични организации, како и во останатите сродни организации. Тие ќе се стекнат со експертиза за процесите при креирањето политики и процедурите за успешен организациски развој. Исто така, од нив се очекува да влијаат при зајакнувањето на мрежните и комуникациските канали меѓу граѓанските организации, Советот за БЗР и владините институции при спроведувањето реформи за безбедност и здравје при работа. Треба постојано да бидат вклучени во процесите на следење на политиките, стратегиите и програмите како на локално, така и на национално ниво.
Обуките ќе бидат дводневни и спроведени од страна на експерти од наведената област, во следниве термини:
– Прва обука: 22ри и 23ти Мај 2018 година;
– Втора обука: 21ви и 22ри Јуни 2018 година;
– Трета обука: 30ти и 31ви Август 2018 година;
– Четврта обука: 6ти и 7ми Септември 2018 година.
Локација: Скопје
Секој од избраните членови, како учесници на обуките, ќе ја превземат должноста да бидат дел од сите четири обуки, без исклучок. Исто така, учесниците на обуката за обучувачи/ментори ќе имаат можност дел од стекнатото знаење и вештини да го споделат со другите членови од организациите. Таа можност ќе ја имаат на обуките кои ќе бидат спроведени во периодот од 15ти Септември до 15ти Декември 2018 година (во овој период се предвидени осум тридневни обуки).
Кандидатите треба да ги исполнуваат следниве барања:
1. Се државјани на Република Македонија;
2. Имаат повеќегодишно искуство во организациско управување и менаџмент;
3. Поседуваат напредни познавања за функционирањето на граѓанските организации во Република Македонија;
4. Не смеат да бидат предмет на законски санкции;
Доколку сте заинтереирани да бидете претставник на обуките, Ве молиме пополнете ја апликацијата која можете да ја најдете на линкот подолу, најдоцна до 16 Април 2018 година.
Комисијата што е формирана од канцеларијата на проектот го задржува правото да ја прифати или одбие која било пријава.
Успешните кандидати ќе бидат контактирани од канцеларијата на проектот и ќе добијат детални информации за обуката.
Канцеларијата на проектот ги покрива патните трошоци и трошоците поврзани со обуката за учесниците.