ОРМ на Европската недела за БЗР: Менталното здравје на работниците и добрите практики во фокусот

ОРМ на Европската недела за БЗР: Менталното здравје на работниците и добрите практики во фокусот

ОРМ на Европската недела за БЗР: Менталното здравје на работниците и добрите практики во фокусот
октомври 29, 2026
Денеска во Скопје се одбележа Европската недела за безбедност и здравје при работа, на настан организиран од Советот за безбедност и здравје при работа, со поддршка на Меѓународната организација на трудот (МОТ), во рамките на проектот „Кон безбедна и здрава работна средина во Северна Македонија“, финансиран од Европската Унија.
На настанот свои обраќања имаа министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши; директорката на Меѓународната организација на трудот за Централна и Источна Европа, Клер Харасти; претседателката на Советот за безбедност и здравје при работа, проф. д-р Јасмина Чаловска; Мауро Машиоли, програмски менаџер во Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија; и Маја Папатолевска, национална контактна точка на EU-OSHA.
Светлана Ристовска Антиќ, извршна директорка на Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ), се обрати на тема ментално здравје на работниците, кое е во фокусот на овогодишните активности.
Во своето обраќање, таа истакна дека безбедноста и здравјето при работа не подразбираат само заштита од физички повреди и професионални заболувања, туку и грижа за менталното здравје и создавање здрава и поддржувачка работна средина.
Посебно беше нагласено дека психосоцијалните ризици и стресот на работното место влијаат врз здравјето, мотивацијата и продуктивноста на работниците, а со тоа и врз успешноста на компаниите. Затоа, потребен е координиран и континуиран пристап на институциите, работодавачите и работниците, кој ќе опфати превенција, отворена комуникација, поддршка на вработените и градење организациска култура во која менталното здравје е приоритет.
Дополнително, Ристовска Антиќ ја истакна важноста на Алатката за процена на ризик, развиена од ОРМ со поддршка на Меѓународната организација на трудот (МОТ), која им овозможува на компаниите полесно да ги идентификуваат и проценат ризиците на работното место. Оваа алатка претставува значајна поддршка за работодавачите во унапредувањето на превентивните мерки и создавањето побезбедна и поздрава работна средина, вклучително и преку навремено препознавање на психосоцијалните ризици.
🏆 Доделена Националната награда за добри практики во безбедноста и здравјето при работа
Во рамките на денешниот настан беше доделена и Националната награда за добри практики во безбедноста и здравјето при работа.
Со особено задоволство истакнуваме дека компанијата членка на ОРМ, ЛУТХМАН БАЦКЛУНД ФООДС ПРОДУЦТИОН ДОО Битола, е добитник на наградата за компанија со најдобро имплементиран сиситем за безбедност и здравје при работа 2026!
🎉 Искрени честитки до компанијата за добиеното признание! Наградата претставува поттик за продолжување на добрите практики и за вложување во создавање побезбедни и поздрави работни места.
ОРМ останува посветена на промовирањето безбедни, здрави и поддржувачки работни средини, бидејќи грижата за здравјето на работниците е инвестиција во луѓето, продуктивноста, конкурентноста и долгорочната одржливост на компаниите.