април 29, 2026
По повод Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, на 28.04.2026 година во Хотел Александар Палас – Скопје се одржа настан посветен на психосоцијалните аспекти на работата, стресот и менталното здравје на работниците.
Настанот беше организиран во рамки на проектот „Кон безбедна и здрава работна средина во Северна Македонија“, имплементиран од Меѓународната организација на трудот (МОТ) со финансиска поддршка од Европската Унија.
Во своето обраќање, претседателката на Организацијата на работодавачи на Македонија, Владанка Трајкоска, истакна дека менталното здравје повеќе не е избор, туку неопходност, нагласувајќи дека здравата психосоцијална работна средина е клучна за продуктивноста, мотивацијата и благосостојбата на работниците.
Таа подвлече дека создавањето на вакви работни средини бара системски пристап – од подигнување на свеста до конкретни мерки, вклучувајќи превенција на стрес, поддршка на вработените и градење организациска култура во која менталното здравје е приоритет.
Организацијата на работодавачи на Македонија останува посветена на унапредување на безбедни, здрави и поддржувачки работни средини – затоа што здрав работник значи успешна компанија и стабилна економија.
На настанот исто така присуствуваше членот од ОРМ од Националниот советот за БЗР, Ќире Ицев и Тамара Панчевски од извршната канцеларија на ОРМ.


