
25 октомври,2017
Мал дел од компаниите бараат од државата субвенционирање на минималната плата. До 19 октомври финансиска поддршка побарале 1.430 работодавачи за само 8.955 вработени. Проценките при носењето на законот беа дека плата пониска од 12.000 денари земаат околу 130.000 работници. Тоа значи дека за само седум отсто од овие лица до сега е побарана поддршка, која во зависност од досегашната плата на работникот се движи од 500 до 2.000 денари.
„Останатите може ќе се решат дека ќе исплатат минимална плата и без субвенција или пак сега во последниот период ќе направат обраќање кон УЈП. Ќе видиме што ќе се случи до 30 – ти и тоа е она што ќе го добиеме како бројка. Сите тие ќе добијат субвенција. Другите нема да може да исплатат плата под 12.000 денари заради тоа што во М – ПИН образецот тие мора да ја прикажат таа плата нето.“ – изјави Мила Царовска, министер за труд и социјална политика
Царовска истакна дека Државниот инспекторат за труд врши постојани контроли кај работодавачите. Порача дека на почеток ќе има предупредувања, но од одекември ќе следуваат ригорозни казни за непочитување на Законот за минимална плата.
„Сепак, работниците се тие кои што не смеат да дозволат да има злоупотреба на овој Закон. Примање плата на рака или враќање на пари кај работодавачот е стриктно казниво со Закон и не само прекршочно туку и кривично.“ – вели Царовска
Министерот за финансии Драган Тевдовски е убеден дека растот на минималната плата ќе предизвика зголемување и на останатите плати. Во интервју за „Економски магазин“ кое се емитува вечерва, најави дека ќе се анализира дали има можност за повисоки плати и во јавниот сектор.
„Зголемувањето на минималната плата на краток рок нема да доведе до зголемување на другите нивоа, но секако дека ќе прави притисок да растат платите. Правењето на притисок да растат останатите плати е добро, бидејќи ќе прави притисок и компаниите да наоѓаат начини како да ја зголемуваат продуктивноста.“ – вели Драган Тевдовски, министер за финансии
Државната поддршка за работодавачите кои ја зголемија минималната плата изнесува еден и пол милион евра на месечно ниво, но по шест месеци оваа сума ќе се преполови.