КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА СОЦИЈАЛЕН ДИЈАЛОГ: Состојба, перспективи и предизвици

КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА СОЦИЈАЛЕН ДИЈАЛОГ: Состојба, перспективи и предизвици

КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА СОЦИЈАЛЕН ДИЈАЛОГ: Состојба, перспективи и предизвици
октомври 2, 2024
На 1 октомври, во организација на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) во соработка со Фондацијата Фридрих Еберт, се одржа конференција на тема: Состојба, перспективи и предизвици во социјалниот дијалог.
Во првиот дел од конференцијата воведно обраќање имаше Претседателката на ОРМ, Владанка Трајкоска која истакна дека наша основна цел е да ги застапуваме интересите на работодавачите и да се грижиме за развојот и остварувањето на нивните права и слободи во економската и социјалната сфера. Таа исто така ја истакна и одговорноста што ја имаме за подобрување на состојбите во колективното договарање која со досегашните остварени резултати (потпишаните 10 колективни договори на гранка и Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството) е докажана. Во своето обраќање таа ги потенцираше нашите досегашни настојувања преку Економско-социјалниот совет секогаш да се слушне гласот на бизнисот и истакна дека нашите напори законите да се носат во консултации со сите засегнати страни ќе продолжат. Работодавачите членки во ОРМ сакаат да го негуваат социјалниот дијалог на сите нивоа, но треба да ги зајакнуваме и капацитетите на локалните ЕСС во формулирањето и спроведувањето на локалните политики за вработување. Свои воведни обраќања имаа и Слободан Трендафилов-Претседател на ССМ, Валон Садики-Програмски Менаџер во Фондацијата Фридрих Еберт, Лазе Јакимовски-Заменик Министер за јавна администрација и Хаким Сума-Државен секретар на Министерството за економија и труд.
На првата панел дискусија на тема СОЦИЈАЛЕН ДИЈАЛОГ ВО МАКЕДОНИЈА свое учество имаше Претседателот на Собранието на ОРМ Ангел Димитров. Тој истакна дека социјалниот дијалог е моќна алатка за разрешување на конфликтите во општеството, но нејзината успешност зависи од тоа колку партнерите вистински и реално веруваат во неа и дали постои доверба помеѓу нив. Како главни услови за добро функционирање на социјалниот дијалог тој ги потенцираше:
– Почитувањето на правото на слобода на здружување и колективно преговарање;
– Силни и развиени здруженија на работодавачи и синдикати со технички и човечки капацитети и знаење;
– Политичка волја и преданост на релевантните органи за да се вклучат во социјалниот дијалог и
– Одредена институционална поддршка.
Во овој панел свое учество имаа Претседателот на ССМ-Слободан Трендафилов, Ленче Коцева-Државен советник во Министерството за економија и труд и Наташа Мечкароска Симјаноска од канцеларијата на Меѓународната организација на трудот.
Во втората панел дискусија на тема ПЕРСПЕКТИВИ НА КОЛЕКТИВНОТО ПРЕГОВАРАЊЕ ВО ПРИВАТНИОТ И ЈАВНИОТ СЕКТОР учествуваше Љупчо Фармакоски-Потпретседател за регулатива, колективно преговарање и социјален дијалог, кој ја потенцираше потребата од колективно преговарање кое треба да овозможи пристојна работа и добри работни односи. Тој истакна дека засегнатите страни во колективното договарање треба да креираат политики кои ќе го поттикнат колективното договарање и ќе создаваат доверба меѓу работодавачите и работниците и нивните организации со цел да имаме стабилни и продуктивни работни односи.
Во оваа панел дискусија учество земаа Иван Пешевски-Претседател на СГИП и Потпреседател на ССМ за приватен сектор, Трпе Деаноски-Претседател на УПОЗ и Потпреседател на ССМ за јавен сектор, Маја Папатолевска-Помошник раководител на секотр од Министерството за економија и труд и Иван Нинески-претставник на Министерството за јавна администрација.