јуни 3, 2026
На 29-ти Мај 2026 година во Виена се одржа Конференција на високо ниво за граѓанското општество, со учество на ЕУ и Западен Балкан, во организација на Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСК).
Како претставник од Организацијата на работодавачи на Македонија учествуваше Господинот Ангел Димитров- Претседател на Собранието на ОРМ.
Главната тема на конференцијата беше: Улогата на граѓанското општество во унапредувањето на проширувањето на ЕУ, зајакнување на демократската отпорност и поддршката на социоекономската конвергенција во регионот.
Во склоп на главната тема беа обработени прашањата за Довербата, демократијата и граѓанското општество во процесот на проширување на ЕУ, Проширувањето на европската безбедност, Улогата на граѓанското општество во Планот за раст за Западен Балкан и Рефорскиот моментум и идната повеќегодишна финансиска подршка (МФФ).
Во дискусиите можеше да се слушнат и различни мислења помеѓу претставниците на Европската комисија од различни земји на ЕУ за тоа како новонастанатата состојба со војната во Украина и европската безбедност може да влијаат на проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан.
Беше истакнато и тоа дека Црна Гора, Македонија и Албанија имаат постигнато значителен напредок во однос на останатите земји кандидати во однос на остварувањето на планот за раст.
Учесниците се договорија дека проширувањето на ЕУ е геостратешка инвестиција во стабилна, безбедна и обединета Европа и дека кредибилниот процес на пристапување базиран на заслуги останува една од најсилните алатки на ЕУ за промовирање на демократијата.
Беше нагласено дека кредибилниот напредок во областите на владеење на правото, политиките против корупцијата, слободите на медиумите и заштитата на основните права остануваат од суштинско значење за легитимноста и одржливоста на процесот на проширување.
Учесниците забележаа дека проширувањето е процес на заслуги и затоа некои кандидати може да напредуваат побрзо од другите. Постои надеж дека Црна Гора и Албанија ќе продолжат со доброто темпо, Србија со новите избори ќе ја врати довербата во демократските институции, Северна Македонија и Босна и Херцеговина наскоро ќе можат да го отворат фундаменталниот кластер на преговорите за пристапување и дека Косово ќе добие статус на кандидат за ЕУ.
Беше повикано на интензивирани дипломатски напори за решавање на билатералните спорови, бидејќи без нормализација на односите во регионот, значајната регионална соработка и кредибилниот пат на проширување ќе останат тешки.
Беше нагласено дека активното вклучување на социјалните партнери и граѓанското општество и јакнењето на нивните капацитети е клучно за подобрување на квалитетот на социјалниот и граѓанскиот дијалог и за ефикасно спроведување и следење на реформите.

