Известување за ратификување на конвенции

Известување за ратификување на конвенции

Известување за ратификување на конвенции
декември 28, 2021

Конвенцијата за организации на рурални работници
Конвенцијата за трудови статистики
Конвенцијата за ноќна работа

Почитувани,

Преземено од МТСП
Чест и задоволство ми е да Ве известам дека на ХХХ пленарна седница на Собранието на Република Македонија,    одржана на 15 јануари 2018 година, се усвоија: Законот за ратификација на Конвенцијата за организации на рурални работници, 1975 (С 141), Законот за ратификација на Конвенцијата за трудови статистики, 1985 (С 160) и Законот за ратификација на Конвенцијата за ноќна работа, 1990 (С 171).  
  Со ратификацијата на Конвенцијата за организациите на руралните работници,  1975 (С 141) сите категории на рурални работници, без разлика дали работат за плата или се самовработени, имаат право да основаат или да се вклучат во организации за заштита на нивните права,  по нивен избор и  без претходно овластување. Притоа,  во целост ќе се почитува начелото за слобода на здружување и организациите на руралните работници ќе бидат независни и волонтерски по карактер и ослободени од сите пречки, принуди и репресија.
 Конвенција за трудови статистики, 1985 (С160) предвидува обврска за водење на трудови статистики кои се однесуваат на економски активно население, вработување, невработеност,  каде што е релевантно, и каде што е можно, видлива невработеност; структура и дистрибуција на економско активното население, просечни примања и работни часови (часови на работа или часови за кои се платени), временски стапки на платите и нормални работни часови; структура и дистрибуција на плати; трошок за труд; индекс на цени на потрошувачите; трошоци за домаќинство, или каде што е соодветно, семејни трошоци, и каде што е можно, приходи за домаќинство, или каде што е соодветно, семејни приходи; повреди на работи, и колку што е возможно, болести на работа и  индустриски спорови. Притоа, ќе се користи методологијата  согласно  последните стандарди и упатства воспоставени од страна на Меѓународната организација на трудот, што значи дека со вака водените статистики Република Македонија ќе располага со релевантни и споредливи податоци, неопходни за следење на промените и состојбите во областа на трудот.
Со Законот за ратификација на Конвенцијата за ноќна работа, 1990 (С 171), се уредува работењето ноќе и се применува за сите вработени лица,  освен оние коишто се вработени во земјоделството, одгледувањето на добиток, риболовот, поморскиот транспорт и внатрешната пловидба. Со оваа конвенција уредено е и работењето на жените ноќе, со тоа што конвенцијата содржи одредби во насока на заштита на мајчинството. Со конвенцијата се елиминираат сите рестрикции на ноќната работа специфични за жените (освен за оние кои се насочени кон заштита на женската улога за репродукција и нега на новороденчињата). Со ова се подобруваат можностите на жените за вработување,  односно се овозможува жената да има избор, дали ќе работи ноќе или не. Истовремено, со ратификацијата на оваа конвенција ќе се зајакне водечкиот принцип на родова еднаквост и на тој начин ќе се отстрани ограничувањето на слободата на избор  на работникот на работно време,  единствено на основа на пол.  Како и кај секоја конвенција, при ратификацијата, во консултација со социјалните партнери, може да се предвиди исклучување на определени категории на работници од опфатот на конвенцијата.
Конвенциите, со ратификувањето, стануваат дел од внатрешниот правен поредок на Република Македонија, а ќе стапат во сила во рок од една година од доставувањето на инструментите за ратификација до генералниот директор на Меѓународната организација на трудот. Истите ќе предизвикаат и соодветни промени во легислативата,  со широка вклученост на социјалните партнери како активни чинители во креирањето и подобрувањето на трудовите стандарди на  Република Македонија.
                       
                      Со почит,

 
                                                                                               Министер
                                                                                           Мила Царовска

Изготвил: Маја Папатолевска
Одобрил:  Мирјанка Алексевска 
Согласен: Миле Стојановски