
Претседатавници од Организацијата на работодавачи на Македонија заедно со претставници на министерствата за труд, социјална политика, социјални односи од Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија, експерти од Ирска, Романија, Германија и Бугарија учествуваат на дводневната конференција на тема – ефективните механизми за мирно решавање на работните спорови во рамки на проектот „Унапредување на социјалниот дијалог“ на Меѓународната организација на труд (МОТ) која се одржува во Охрид.
Во своето обраќање министерот за труд и социјална политика, Фросина Ташевска – Ременски потенцираше дека експертите на Меѓународната организација на труд ќе ги презентираат препораките што сите од државите учеснички на средбата, вклучувајќи ја Република Македонија, имаат обврска да ги имплементираат во следниот период по однос самиот проект, како и во насока на подобрување на легислативата за унапредување на механизмот.
На конференцијата беа иницирани повеќе прашања од областа на работничките права, дали воопшто може да се зборува за нив кога праксата покажува дека во некои случаи не се почитуваат ниту елементарните права на работниците гарантирани со законот за работни односи, и колку синдикалното организирање е силно за да биде активен учесник во уредувањето на социјалниот дијалог.Конференцијата е добра можност учесниците да ги претстават своите позитивни практики во воспоставувањето, организирањето и функционирањето на самиот механизам за мирно решавање на работните спорови.
Антонио Грациози директорот на МОТ за Централна и Источна Европа,истакна дека проблематиката на заштитата на работничките права е комплексно прашање чие уредување не е проблематично само за земјите од регионот,истотака потенцираше дека тоа е еден од механизмите за решавање на сите отворени прашања што овозможува побрза процедура на решавање на недоразбирањата и секако скратување на времетраењето на самиот процес.
Преку проектот „Унапредување на социјалниот дијалог“ на МОТ во Македонија веќе една година функционира механизмот за мирно решавање на работните спорови, со лиценцирано 41 лице како арбитар во тој процес. Во рамки на постапувањето досега се процесуирани четири предмети, од кои два се со позитивен исход, еден негативно и еден е во фаза на решавање.Според министерката Ташевска –Ременски овој факт многу зборува од аспект на препознавањето на механизмот од страна на страните во споровите, но и за потребата за дополнителна промоција на самиот механизам, како добра практика за намалување на трошоците на судските спорови.