октомври 22, 2026
На 21 октомври 2026 година, Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) учествуваше на Петтиот годишен регионален состанок за борба против криумчарењето мигранти и трговијата со луѓе. Состанокот се одржа на 20 и 21 октомври во Будва, Црна Гора. Претставник на ОРМ беше Весна Величковска од компанијата „Либерти“.
Настанот беше организиран од Меѓународната организација за миграции (#IOM North Macedonia ), во рамките на Регионалната програма за управување со миграцијата (RMGP), финансирана од Министерството за надворешни работи на Данска. Состанокот се реализираше во соработка со проектот EU4FAST, поддржан од Европската Унија, Германија, Италија и Холандија.
На состанокот учествуваа претставници од шесте земји на Западен Балкан. Меѓу нив беа претставници на надлежните институции, органите за спроведување на законот, обвинителствата, миграциските и граничните служби, трудовите инспекторати, организациите на работодавачи, агенциите за вработување и граѓанскиот сектор. Настанот овозможи размена на знаења и искуства, како и дискусија за можностите за унапредување на регионалната соработка.
Во фокусот беа актуелните миграциски трендови, трудовата експлоатација и трговијата со луѓе. Се разговараше и за потребата од подобра соработка меѓу институциите и земјите во регионот. Посебно внимание беше посветено на управувањето со трудовата миграција, партнерствата за мобилност на работната сила и етичкото регрутирање. Беа разгледани и прашањата за институционалниот надзор, информирањето, интеграцијата и заштитата на странските работници.
Актуелноста на овие прашања ја потврдуваат и податоците на ИОМ. Според нив, бројот на издадени работни дозволи во Западен Балкан се зголемил од 13.145 во 2015 година на 107.006 во 2025 година. Растечката мобилност на работната сила е поттикната од демографските промени и зголемената побарувачка за кадар. Таа создава нови можности за економски развој, но бара и поефикасни механизми за спречување злоупотреби и трудова експлоатација.
Преку тематските дискусии беа разгледани конкретни можности за подобрување на системите за трудова миграција. Меѓу нив се поголема транспарентност и предвидливост на процедурите, нивна дигитализација и поедноставување. Се дискутираше и за зајакнување на соработката со земјите на потекло и подобрување на надзорот над агенциите за регрутирање. Посебен акцент беше ставен на поефикасната размена на информации и заштитата на работниците од експлоатација.
Со своето учество, Весна Величковска од компанијата „Либерти“, како претставник на ОРМ, придонесе кон размената на регионални искуства и дискусијата за предизвиците поврзани со трудовата миграција. Учеството на ОРМ ја потврдува заложбата на организацијата за активно вклучување на работодавачите во креирањето одржливи политики за трудова миграција. Овие политики треба да одговорат на потребите на стопанството и да овозможат поедноставени и ефикасни процедури за ангажирање странска работна сила. Истовремено, потребно е да се обезбедат транспарентни и одговорни практики на регрутирање и вработување, со почитување на работничките права.
Учеството на регионалниот состанок е дел од пошироките заложби на ОРМ за унапредување на социјалниот дијалог и градење партнерства со националните и меѓународните институции. Преку овие активности, ОРМ придонесува кон развојот на конкурентен, одговорен и одржлив пазар на труд.

