Студијата за социјалниот дијалог и работната сила во секторот за водоснабдување и канализација

Студијата за социјалниот дијалог и работната сила во секторот за водоснабдување и канализација

Студијата за социјалниот дијалог и работната сила во секторот за водоснабдување и канализација
октомври 8, 2025
Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) ја презентираше клучната студија за социјалниот дијалог и состојбата на работната сила во секторот за водоснабдување, спроведена во рамките на проектот “ Промовирање и зајакнување на социјалниот дијалог во секторот за води преку иновативни пристапи” ProSDinWater, финансиран од Европската унија. Истражувањето опфати четири земји учеснички – Северна Македонија, Бугарија, Италија и Малта – и ја истакнува важноста на социјалниот дијалог за унапредување на условите за работа.
Резултатите покажуваат дека 69,3% од испитаниците во тој сектор во Северна Македонија сметаат дека социјалниот дијалог на секторско ниво придонесува кон подобрување на работните услови.
Дополнително, 83,3% од анкетираните 149 вработени ја оценуваат ефективноста на социјалниот дијалог во своите компании како позитивна.
Клучни фактори за подобрување и привлекување на работната сила во секторот според истражувањето
Истражувањето спроведено во рамките на проектот укажа на неколку критични аспекти кои треба да се адресираат за да се подобри состојбата со работната сила и да се зголеми атрактивноста на секторот – особено за младите луѓе.
Најголем дел од испитаниците (100%) ја посочиле висината на платата како главен мотиватор за избор на работно место. Финансиската сигурност и соодветната награда за вложениот труд се основен предуслов за привлекување и задржување на кадар.
Работничките права, личната мотивација и трендот на промена на работната сила се исто така издвоени како значајни фактори – при што 97% од учесниците оцениле дека секторот не е доволно атрактивен за младите. Ова укажува на потреба за сериозни инвестиции во подобрување на имиџот на секторот и создавање на услови за развој и напредок.
Исто така, здравствената заштита и превенцијата, возраста и професионалното искуство се клучни елементи според 97% од испитаниците, кои нагласиле дека добрата грижа за вработените е директно поврзана со продуктивноста и стабилноста на работната сила.
Квалитетните работни услови, како што се безбедноста на работното место, техничката опременост и организациската култура, се истакнати од 99% од учесниците како суштински за задоволство и посветеност на вработените.
Дополнително, 96% од испитаниците укажале на важноста на интеграцијата на информациските технологии и вештачката интелигенција, справување со дискриминација, подобро организирање на работното време, како и потребата од програми за континуирано унапредување на професионалните вештини и дополнителни придобивки, дури и оние што не се предвидени во колективните договори.
ОРМ ќе продолжи да работи на унапредување на социјалниот дијалог и поддршка на развојот на работната сила во секторот за водоснабдување и канализација, со цел обезбедување подобри услови за работа и стабилност на пазарот на труд.
Организацијата на работодавачи нагласува дека социјалниот дијалог и колективното преговарање во Македонија се сеуште слабо користени алатки и покрај тоа што во голема мера ги спречуваат социјалните и синдикалните конфликти.