Меѓународно стручно советување на експерти за заштита БЗР БЕЗ ГРАНИЦИ 2023

Меѓународно стручно советување на експерти за заштита БЗР БЕЗ ГРАНИЦИ 2023

ноември 3, 2023

Во организација на Здружение на инженери за заштита ТУТЕЛА, Скопје се отвори Меѓународно стручно советување на експерти за заштита БЗР БЕЗ ГРАНИЦИ 2023 во Хотел Дрим Струга на тема,,СТРАНСКИ РАБОТНИЦИ”. На настанот во име на Организацијата на работодавачи на Македонија свое обраќање имаше Борка Петровска, член во Националниот Совет за БЗР, од компанијата Еуроникел.

Петровска истакна дека имплементацијата и примената на Законот за безбедност и здравје при работа е еден од најбитните сегменти во социјалниот дијалог и во реализацијата на заштита на работниците и дека како организација на работодавачи ја користиме секоја пригода, да пренесеме порака дека за да се подобри безбедноста на работното место, клучна е имплементацијата на законот и практиките на терен, односно во фабриките, градилиштата и на земјоделските површини каде ризиците по безбедноста на вработените се постојано присутни, и за жал несреќите се исто така сè уште присутни.

Паралелно, за успешна имплементација, најважно е да се зголеми улогата и влијанието на стручните лица за БЗР, вработени во компаниите и зголемување на нивните ингеренции, односно да добијат целосна подршка и од раководството и од сите останати колеги и вработени, за да можат да ја исполнат својата функција, а во интерес на безбедноста на сите вработени во една организација. Притоа никако не смееме да ја перцепираме безбедноста и здравјето како регулатива на хартија или пак комплексна обврска. Подобрувањето на состојбите може да се постигне и со едноставни мерки, а честопати доволно е здрав разум и добра волја.

За самата имплементација потребни се ресурси, кај малите и микро компании проблемот е што немаат човечки капацитети за воведување на целосен систем за БЗР. Кај големите компании пак, секогаш е проблем контролата врз големиот број вработени и активности, како и големите ризици кај индустриските капацитети. Предизвиците се дотолку поголеми ако се земе предвид трендот за увоз на странски работници кои не се во тек со националното ниво на безбедност и здравје при работа во различните држави, што е всушност и во фокусот на ова стручно советување.

На крај потенцираше дека континуираниот дијалогот меѓу преставниците на вработените и раководството на компаниите е темел врз чија основа ќе се постигнат целите за безбедност и здравје на работното место. Затоа е потребно да го стимулираме овој процес кај работниците и работодавачите. Надворешните стручни лица се многу добродојдени со нивните стручни совети и знаења, но со комуникација внатре во организацијата, најбрзо се детектираат можните ризици и опасности по безбедноста и здравјето на вработените, врз база на што се креираат решенија за нивно отстранување, што е впрочем крајната цел на концептот на безбедност и здравје при работа.