Конференција за бизнис приоритетите за побрз развој

Конференција за бизнис приоритетите за побрз развој

Конференција за бизнис приоритетите за побрз развој
декември 28, 2021

 

 

Почитувани!

 

Пред Вас се наоѓа, стратешката рамка на политики за подобрена бизнис-клима за одржливи претпријатија во Македонија,  која ја насловивме, „Бизнис-приоритети за побрз развој“.

Документот произлезе од истражувањето што Организацијата на работодавачи на Македонија и Бизнис конфедерацијата на Македонија го направија со помош на Меѓународната организација на трудот, а со стручна помош на Македонскиот центар за меѓународна соработка и М-проспект.

Ја користам денешнава прилика на г-динот. Драган Радиќ, г-динот. Емил Крстановски, г-динот Сашо Клековски, Г-ѓата Никица Мојсовска Блажевски и на нивните соработници да им се заблагодарам за успешната соработка.

Целта на проектот беше, да се идентификуваат и истражат клучните подрачја кои ја ограничуваат бизнис климата во Македонија и да се дадат препораки за подобрување на конкурентноста на македонската економија. Свесни сме дека конкурентноста на одредена економија, сфатена како низа на мерки, политики и фактори кои го одредуваат нивото на продуктивноста на една држава, е од особено значење за една мала економија. Од друга страна, високата продуктивност ја одредува способноста на една држава да остварува повисоки приходи и е главна детерминанта за приносот на инвестициите. Овие два фактора, се од одлучувачко значење за растот на одредена економија што е наша стратешка цел.

Во истражувањето беа користени веродостојни податоци од истражувањата на Светската банка, Светскиот економски форум, Меѓународниот монетарен фонд, Меѓународната организација на трудот и др. институции, но исто така и податоците добиени од анкетата со врвното раководство на 170 наши компании. Значи се работи за комбинација на квантитативни статистички податоци и квалитативни, субjективни информациии кои ги отсликуваат личните перцепции за економските состојби на извршните директори кои беа анкетирани.

Свесни сме дека подобрувањето на конкурентноста на домашната економија треба да е резултат на сеопфатни напори не само на Владата, туку на сите заинтересирани страни, а овде во прв ред мислам на бизнис секторот и граѓанското општество. Во таа насока се надевам дека повторното заживување на Националниот совет за претприемништво и конкурентност ќе даде одлични резултати, каде ќе можеме да ги координираме нашите препораки и идеи кои ќе бидат од исклучително значење за Владата во процесот на поттикнување, поддршка и развивање на конкурентна економија.

Влијанието на географската големина врз конкурентноста на одредена економија преку „економијата на обем“ не е спорна. Сепак многу мали држави нашле начин да ја подобрат својата економија и да ја направат  конкурентна. Македонија треба да поработи на своите компаративни предности, да ги утврди своите приоритети и да ги зајакне своите извозни потенцијали, на тој начин, ќе се намалат ризиците по дефицитот на тековната сметка на билансот на плаќање но и ке се остварат повисоки стапки на економски раст.

Македонија во последните неколку години оствари забележителни резултати во подобрувањето на условите за водење бизнис, а најновата потврда на тој успех дојде од Извештајот за Глобална Конкурентност 2013-14 на Светскиот економски форум, каде Македонија ја подобри својата позиција во однос на 2012-13 год. дури за седум места. И покрај овој успех неопходно е и понатаму да ја унапредуваме околината за водење бизнис затоа што условите за стопанисување на глобално ниво постојано се менуваат а на пазарот остануваат само оние кои постојано инвестираат и ги подобруваат своите конкурентски способности.

Резултатите од истражувањето покажаа дека постојаното менување на законите е проблем за работодавачите бидејки бара многу време за усогласување и им ги зголемува трошоците за работење. Во иднина е потребно измените и дополнувањата на законските прописи да не се прави набрзина и да се остави доволно време за консултација со бизнис заедницата, притоа, е потребно  да се зајакне улогата на Економско- социјалниот совет како трипартитно тело кое може да одигра многу значајна улога во тој процес.

Работодавачите исто така реагираа на високите казни и сметаат дека казните треба да одговараат на економската моќ на компаниите и тежината на сторениот прекршок. На тој начин тие ќе преставуваат поука за промена на однесувањето во иднина и нема да преставуваат закана по опстанокот на фирмата.

Работодавачите сметаат дека е потребно понатамошно зголемување на флексибилноста на работните односи и предлагаат да се донесе седум годишен план за флексибилизација на Законот за работните односи, во однос на престанокот на договорите за работа, работата за време на празник, прекувремената работа, прераспоредувањето на работник, стекнувањето на право на годишен одмор, пробната работа и други одредби кои ја намалуваат нивната конкурентност и ја ослабнуваат нивната позиција на пазарот.

Иако Владата на Република Македонија направи значајни реформи во областа на даноците-рамниот данок, реформата „бруто плата“ , ослободување од данок на добивка за акумулираната добивка и реинвестираната добивка и други олеснувања во даночната свера, сепак се потребни понатамошни прилагодувања кај данокот на непризнати расходи и кај минималната основица за плаќање на социјалните придонеси во поглед на зголемување на чуствителноста на даноците во поглед на остварениот профит и усогласување на висината на персоналниот данок и придонесите со минималната плата.

Во идниот период потребно е да се зајакне владеењето на правото , заштитата на правото на сопственост и функционирањето на судскиот систем. Борбата против корупцијата и нелојалната конкуренција треба да продолжи со исто темпо, а механизмите за контрола за користење на јавните фондови да се зајакнат.

Домашниот банкарски систем се покажа доста стабилен во однос на светската финансиска  криза, сепак компаниите се жалат на пристапот до финансии, висината на каматната стапка, високите хипотеки и други проблеми кои им го ограничуваат добивањето на поволни кредити.

Иако анкетата на работодавачите покажа дека многу ретко се соочуваат со проблемот на монополи и монополско работење, според извештајот за глобална конкурентност Македонија  завзема сеуште многу ниско место според застапеноста на локалната конкуренција, ефективноста на антимонополската политика и степенот на ориентираност кон потрошувачите.

Иновациите се движечка сила за поголем раст на економијата и зголемување на животниот стандард. За таа цел Владата на Република Македонија донесе Национална стратегија за иновации 2012-2016, Национална програма за научно истражување и развој 2012-2015,  Програма за поттикнување и помагање на технолошкиот развој 2012-2015 и т.н. но и покрај овие програми нивото на инвестирање во истражување и развој е многу ниско-помалку од 0,2% од Бруто домашниот производ. Од друга страна, податоците покажуваат дека 50% од приходите на истражувачките институции потекнуваат од владини извори, а само 0,2% од приватните претпријатија. Податоците на Светскиот економски форум покажуваат дека Македонија во оваа област е една од најлошо рангираните  во однос на сите показатели од Извештајот за глобална конкурентност. Се надеваме дека со основањето на Агенцијата за технологија и иновации ке се постигне подобрување во оваа важна област.

Сметам дека Владата постигна забележителни резултати во поглед на наплатата на даноците и фискализацијата, од друга страна сеуште процентот на учеството на неформалниот сектор во вкупната економија е доста висок. Податоците од анкетата на работна сила на Заводот за статистика покажуваат дека 25% од работниците во 2011 година работеле на црно т.е. без договор за работа. Неформалната економска активност и работата на црно создаваат нелојална конкуренција. Затоа ни е потребна заедничка борба против оваа појава, Организацијата на работодавачи како член на Економско социјалниот совет ќе бара редовни извештаи од Државниот инспекторат за труд за направените контроли и постигнатите резултати на ова поле.

И покрај неколкуте проекти околу анализата на пазарот на трудот, обука на невработените лица за потребите на работодавачите во кои учествуваше и Организацијата на работодавачи на Македонија и заложбите на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Центарот за стручно образование и Министерството за образование и наука, сепак проблемот на расчекорот на понудата на квалификувана работна сила и потребите на стопанството е присутен. Ние работодавачите мора да сфатиме дека образовниот систем неможе да ни испорача образовани и обучени работници за секој вид на занимање што ни е потребен. Затоа заеднички треба да изградиме систем на обуки и преквалификации кој ќе им помогне на невработените лица полесно да дојдат до работа, а ние ќе добиеме работник кој многу брзо и лесно ќе се вклучи во производниот процес.

Според последните извештаи на „Doing Business” на светската банка, Македонија е една од водечките земји која нуди најдобри услови за започнување на бизнис. И покрај ваквите позитивни оценки бројот на започнувања на нови бизниси се намалува. Според извештајот на Светскиот економски форум 2012-13 главните пречки за водењето на бизнис во Македонија се: пристапот до финансии-17,1%, несоодветно образованата работна сила-12,5%, корупцијата-11,5%, неефикасна државна администрација-11,4% и несоодветна инфраструктура-9,3%. Финансиската поддршка на Владата за развој на претприемништвото е сеуште многу скромна, а и средствата за започнување на сопствен бизнис од Активните програми за вработување на Агенцијата за вработување се недоволни да се излезе во пресрет на сите млади луге кои сакаат да започнат сопствен бизнис. Се разбира овде е присутен и стравот од неуспех кој во услови на светска економска криза е засилен.

После  сето она што успеав да го истакнам, се надевам дека ке се сложите со мене, дека факторите за водење на бизнис се многубројни и комплексни. Некои од нив како што е  големината на пазарот се скоро непроменливи, некои од нив како што е инфраструктурата бараат огромни финансиски средства, а за останатите ни треба заеднички напор на сите заинтересирани страни да изградиме силна и конкурентна економија која ќе биде основ за забрзан раст и зголемување на стандардот на населението. Се надевам дека препораките во извештајот  ќе бидат искористени од носителите на политиките за остварување на оваа цел, а ние како Организации на работодавачи постојано ке  лобираме кај владините институции и ќе бидеме активни чинители во овој процес.

 

Ви благодарам.