Усогласен и потпишан Колективен договор за хемиската индустрија

Здружението на работодавачи од хемиска индустрија при Организацијата на работодавачи на Македонија и Синдикатот за хемија, неметали и метали на 10.01.2013 го усогласија со измените во Законот за работни односи и го потпишаа колективниот договор за регулирање на правата и обврските на социјалните партнери  во оваа област.

Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи истакна дека користејќи го социјалниот дијалог на Владата и покажуваме дека сме вистински репрезентативни социјални партнери и дека знаеме да преговараме и да склучуваме колективни договори. Целта на овој колективен договор е да се применат меѓународните работни стандарди, да се изедначат условите за работа на ниво на гранката и да се утврди одредена рамка на права кои треба да им се овозможат на вработените, со што ќе се одржува лојалната конкуренција помеѓу работодавачите.

Претседателот на ССМ  Живко Митревски на денешната средба истакна дека потпишувањето на договорот е во духот на определбата на социјалните партнери за создавање општество со уреден социјален дијалог. Целта на колективното договарање е да се утврди рамка која ќе ги спречи евентуалните конфликти во претпријатијата, да се уредат постапките при спорови и воопшто да се создава нормална атмосфера во работните средини.

Зоран Мироновски, претседател на Синдикатот за хемија, неметали и метали, потсети дека се внесени сите промени од Законот за работни односи, додека во Општиот колективен договор и понатаму во гранските колективни договори е можно проширување на работничките права. Со еден збор, правата во колективните договори можат да бидат поголеми од оние во законите, но во никој случај помали.