Работодавачите и Синдикатот потпишаа Спогодба за продолжување на Општ Колективен Договор

На 26 јуни 2012год.  репрезентативните социјални партнери (Организацијата на Работодавачи на Македонија и Сојуз на Синдикатите на Македонија) склучија Спогодба  за продолжување на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството. Спогодбата ја потпишаа претседателот на ОРМ г-дин Ангел Димитров и претседателот на ССМ г-дин Живко Митревски .

Претседателот на ОРМ , г-дин Ангел Димитров, нагласи дека меѓусебното почитување и уважување на заедничките разлики  е клучен фактор во соработката на социјалните партнери. Тој потенцираше дека, покрај другите измени, место терминот најниска плата се воведува категоријата “пресметковна вредност за единица коефициент“, со тоа што се остава можноста самите гранки да ги пресметуваат износите во дејностите, но никогаш не треба да бидат пониски од минималната утврдена плата.

Додека пак претседателот на ССМ г-дин Живко Митревски изјави , многу е важно што колективниот договор го потпишуваме во услови на светска економска криза, која се чувствува и во Македонија. Со тоа ја покажуваме јасната желба на социјалните партнери да ги креираат односите и критериумите на работните права.

На вчерашниот настан присуствуваше министерот за труд и социјална политика г-дин Спиро Ристовски, кој нагласи дека потпишувањето на колективен договор без посредник е потврда дека социјалниот дијалог во Републкика Македонија е реалност. Владата ќе биде секогаш во близина кога се уредуваат работничките права. Им честитам на ОРМ и ССМ, затоа што склучување спогодба, во услови на економска криза, е реткост во регионот, нагласи министерот Ристовски.

На барање на Работодавачите, кои во изминатата година и пол работеа на предлог-измени на постојниот ОКД , се потпиша и Спогодба за отпочнување преговори за изменување и дополнување на Општиот колективен договор од областа на стопанството, со која социјалните партнери си дадоа рок за исполнување од една година.