Работодавачите и синдикатот од тутунското стопанство ја утврдија најниската основна плата на ниво на гранка

Преговорите за утврдување на најниската основна плата на ниво на гранка меѓу претставниците од работните групи од здружението за тутунска индустрија од ОРМ и Агросиндикатот беа интензивни и исцрпувачки во текот на изминатата година. Но резултатот е задоволувачки за двете преговарачки страни. Согласно  трошоците за живот, економските можности, општото ниво на платите на дејност, ниво на продуктивноста, економичноста, рентабилноста и другите економски и социјални фактори се утврди износ за најниската основна плата на ниво на гранка од 10.300,00 денари, за полно работно време од просечно годишно 174 часа месечно.

На 23 мај, 2012 претседателите на репрезентативните здруженија, Лидија Групчева од здружението за тутунска индустрија од ОРМ и Живко Даневски од Агросиндикатот ја потпишаа Спогодбата за изменување и дополнување на колективниот договор за вработените од тутунското стопанство.

 

За потсетување ,висината на  минималната плата  согласно Законот за минимална плата за 2012 година изнесува 8.050,00 денари  во нето износ, со можност во одделите во кои во јули 2011 е исплатена просечна плата под нивото од 15.000 денари во бруто износ, во наредните три години се прави усогласување со износот на минималната плата, која се утврдува согласно овој закон, со множење на истиот по следниве коефициенти

–          0,778 за 2012 година;

–          0,852 за 2013 година и

–          0,926 за 2014 година.

Според тоа во текстилната индустрија, бидејќи најниската плата на ниво на гранка е 5.500, денари, согласно член 10 од Законот за минимална плата за 2012, минималната плата  на ниво на текстилна индустрија за 2012 во нето износ изнесува 6.263,00 денари, а бруто изнесува 10.393,00 денари.

Додека во кожарско-чевларската индустрија бидејќи најниската плата на ниво на гранка е 4.100, денари, согласно член 10 од Законот за минимална плата за 2012, минималната плата  на ниво на кожарско-чевларската индустрија во нето износ изнесува  6.263,00 денари, а бруто изнесува 10.393,00 денари.