Потпишан колективниот договор за енергетика

 

Самостојниот синдикат за енергетика  и здружението на работодавачи од енергетиката при Организацијата на работодавачи на Македонија, денеска во сала 1 во Стопанската комора го потпишаа колективниот договор за регулирање на правата и обврските на социјалните партнери  во оваа област.

Целта на овој колективен договор е да се применат меѓународните работни стандарди, да се изедначат условите за работа на ниво на гранката и да се утврди одредена рамка на права кои треба да им се овозможат на вработените, со што ќе се одржува лојалната конкуренција помеѓу работодавачите.

„Цврсто стоиме на констатацијата дека вистинскиот социјален дијалог нема алтернатива и само преку негов континуитет, сите отворени прашања можат квалитетно и долгорочно да се решаваат“, изјави Г-дин. Вернер Хенгст претседател на Здружението за енергетика при Организацијата на работодавачи на Македонија.

 

Задоволство  од потпишувањето на договорот искажа и претседателот на Самостојниот синдикат на работниците од енергетиката Г-дин. Роберт Симоноски, кој истакна дека ова е историски момент кога за првпат со колективен договор се верификуваат правата на работниците во сите енергетски компании во земјава од приватниот сектор и се регулираат односите во енергетиката во време кога тоа е најпотребно за сигурноста на работните места и условите за работа во оваа гранка

Работодавачите и гранковиот синдикат заеднички оценуваат дека со овој чин социјалните партнери недвосмислено покажале дека имаат меѓусебно разбирање и интерес да ги почитуваат и спроведуваат меѓусебните права и обврски, посебно во поглед на условите за работа, платите, надоместоците и заштитата на вработените.