Македонска рамка на квалификации инструмент за комуникација помеѓу работодавачите и образовниот систем

На 24 декември , со поддршка на Британскиот Совет во Македонија, а во соработка со Министерство за образование и наука, работодавачите од 12 сектора од здруженијата при  Организацијата на работодавачи на Македонија,   одржаа обука  за да се нагласи   важното и незаменливо учество на работодавачите  во целиот процес на  МРК.

Обраќање на г.ѓа Наташа  Јаневска ,Државен советник при Министерство за образование на наука,

Донесувањето на Македонската рамка на квалификации претставува важен сегмент во процесот на реформи што ги презема Република Македонија во образовниот систем да стане споредлива со  европскиот систем на вредности, кој ќе овозможи поголема мобилност, како на полето на образованието, така и на полето на пазарот на трудот.
Македонска рамка на квалификации претставува инструмент кој овозможува класификација, споредување, развој и разбирање на квалификациите.  Таа ги опфаќа сите нивоа на квалификации кои може да се стекнат низ сите видови на образование и обука (формално и неформално образование) и овозможува јасен преглед на начинот на стекнување на квалификациите со цел да се задоволат потребите на пазарот на трудот и на општеството, да се поддржи доживотното учење и да се овозможи мобилност на оние кои сакаат да учат и на оние кои бараат работа.

Со заживување на Македонската рамка на квалификации ќе се овозможи лесна препознатливност на предходните и на новите квалификации од страна на работодавачите во земјава и во странство, и со тоа ќе се овозможи поголема вработливост на пазарот на трудот.

Рамката има 8 нивоа и 6 поднивоа (од 5 до 7 ниво) и описи за секое ниво. Со описите се одредува нивото на комплексноста на знаењата, вештините и на компетенциите . Описите на квалификациите се засноваат на резултати на учење и претставуваат збир на сертифицирани и документирани резултати на учење (знаења, вештини и компетенции) во согласност со  дадени стандарди, без оглед на тоа како и каде се стекнати.

Но како да заживее МРК?
Само со вклучување на работодавачите во целиот процес на МРК. Затоа велиме дека таа  истовремено претставува и инструмент за комуникација помеѓу заитересираните страни корисници на истата (институции, ученици студенти, наставници, работодавачи, понудувачи на обуки, креатори на политики, комори, организација на работодавачи и сл.) Но, како значаен придонес е  систематско вклучување на работодавачите во образовниот прoцес, со што ќе се зголеми релевантноста на сите видови квалификации, кон потребите на бизнисите и пазарот на трудот во целост.

Важно е да се напомене дека улогата на работодавачите започнува со описот на работното место во нивната организација што го даваат во изготвувањето на стандардите за занимања преку учеството во работните групи, во развивањето на нови квалификации со учество како членови во Секторските комисии и во усвојувањето на квалификациите со учеството во највисокото тело за МРК, како членови на Националниот Одбор на МРК.

Но, тука не застануваме.Наша понатамошна активност ќе биде да се доближиме и да ги запознаеме работодавачите од сите сектори со нивната улога во МРК и можноста самите да изготвуваат стандарди на занимања за нивните потреби, за да можеме да образуваме кадри според реалната потреба на пазарот на трудот и да бидат барани од индустријата, а со тоа ќе се и обезбеди нивно полесно  вработување.