Завршна конференција “Социјалниот дијалог и адаптација на промените”

Во изминатата година согласно целите зацртани со проектот  Работодавачите од ОРМ , Агросидикатот и Синдикатот за трговија од ССМ и социјалните партнери од Црна Гора   го разменија  искуството за успешен социјален дијалог  со партнерите работодавачите и синдикатите од Словенија – членка на ЕУ. Организиравме  работилници и форуми поединечно за социјалниот дијалог во секторите трговија на мало, земјоделие и прехрамбена индустрија. Реализиравме студиска посета во Словенија и  нашето  искуство го забележавме во публикацијата која е крајниот резултат од проектот.

На конференцијата се обрати Министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски како и претседателот на здружението за земјоделие и прехрамбена индустрија при Организацијата на работодавачи на Македонија г. Влатко Ѓоргиевски , кој ја покрена иницијативата за донесување закон за кооператива во земјоделството.
Доколку оваа иницијатива за донесување закон за кооператива се реализира  се очекуваат  вработувања на повеќе од 80 илјади лица во следните две години.

Во своето обраќање претседателот на ОРМ Ангел Димитров најави дека , како резултат на активностите произлезени од проектот, здружението за трговија при ОРМ се стекна со репрезентативност и доби легитимитет за колективно преговарање и склучување на колективен договор на ниво на гранка со репрезентативниот синдикат од ССМ. Воеедно нагласи дека предлогот за нов закон за кооператива ќе се процесира до ЕСС, со што Министерот Спиро Ристовски се согласи.

“Тоа е предлог иницијатива која ја очекуваме на Економско-социјалниот совет за да ја разгледаме. Секоја иницијатива која има квалитет и е издржана ќе биде презентирана пред Економско-социјалниот совет, а потоа и пред Владата. Доколку биде прифатена ќе биде процесуирана, но засега би почекале да го видиме предлогот”, изјави министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.   

Генералната оценка на социјалните партнери во државата е дека има напредок во делот на социјалниот дијалог на сите нивоа, што е нотирано и во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија.