Имплементацијата на Законот за безбедност и здравје при работа е еден од најбитните сегменти во социјалниот дијалог и во процесот на остварување на заштита на работниците.
Како Организација на работодавачи на Македонија веќе порано имаме укажано дека , ако сакаме подобра имплементација на законот потребно е законот од административните простории на работодавачите да се симне во фабричките хали, на градилиштата и на земјоделските површини каде секојдневно се случуваат несреќи со страшни последици.
При тоа треба да изнајдеме начин како да ја зголемите улогата и влијанието на стручните лица вработени во компаниите и да ги зголемиме нивните ингеренции. Затоа што мораме да бидеме реални, дека управувањето со безбедноста и здравјето при работа не е толку сложено и не секогаш се потребни посебни стручни знаења и квалификации. Подобрувањето на состојбите може да се постигне и со едноставни мерки. За да се препознаат ризиците и да се предложи начин како тие да се отстранат понекогаш е доволен само здрав разум.
На крајот сакам да истакнам дека без разлика на тоа колку точни проценки на ризик сме направиле, колку добри мерки за управување со ризикот сме донеле и ги почитуваме сите законски обврски за безбедност и здравје при работа, сето тоа нема да функционира , ако не сме успеале да изградиме култура за безбедност и здравје при работа. Затоа во иднина мораме сите заеднички да работиме на подигање на културата и свеста за значењето на безбедноста и здравјето при работа на секое работно место.
Седнувањето на една маса на преставниците на вработените и менаџерите на компаниите и започнувањето на дијалог за безбедноста на работните места во компанијата ќе биде голем чекор напред. Затоа е потребно да го стимулираме овој процес и да им укажеме на компаниите дека тоа е и во нивен интерес. А кој тоа може подобро да го направи од нај засегнатите: работниците и работодавачите. Надворешните стручни лица се добродојдени со нивните совети но разговорите внатре во фирмата за секое работно место можат најрано да ги откријат можните опасности по здравјето на вработените.