Изјава на претседателката на ОРМ Владанка Трајкоска по повод 30 години самостојна Северна Македонија

Изјава на претседателката на ОРМ  Владанка Трајкоска по повод 30 години самостојна Северна Македонија
 
Работодавачи: 30 години не направивме економска стратегија, го уништивме образованието, се задолживме повеќе од колку што ни е чергата
08/09/2021 8:40

Нискиот стандард и големата невработеност останаа најголем проблем за македонските граѓани и 30 години по осамостојувањето на Македонија.

Голем број компании заминаа во историјата, уште поголем број се приватизираа, а многу луѓе останаа без каква било перспектива. На прашањата каде бевме економски во деведесетите а каде сме сега и дали во овие три декади економијата успеа барем во некои аспекти да се придвижи напред, „Локално“ побара одговори од дел од работодавачите.

Пред 30 години, како економски најсиромашна република од поранешната СФРЈ, имавме голем предизвик пред себе, вели претседателката на Организацијата на работодавачи Владанка Трајковска, но спротивно на големите очекувања, резултатот беше во форма на ситен залак од економијата, низок просечен БДП, ниска куповна моќ на граѓаните,…

„Мора да сфатиме дека како држава немаме ниту стратешка позиција, ниту пак економска историја која ќе ни овозможи добра позиција на пазарот, а уште помалку имаме план за делување.Оттука, најважно беше да имаме стратегија, но таа за жал изостана. Од таа причина за овие 30 год. имаме голем одлив на кадар, образовниот систем е на сериозен испит дали истиот создава или не, едуциран и продуктивен кадар. Истовремено се задолживме многу повеќе од колку што ни е чергата, добивме гломазна администрација. И сите овие години очекуваме Европа да не земе под своја закрила и да ги почувствуваме придобивките од членство во ЕУ. Но изгубивме многу години во чекање, многу суштински дејности го изгубуја своето делување на пазарот“, вели Трајковска.

Како позитивни состојби во трите декади независна Македонија кои според неа треба подеднакво да се нотираат се ниската стапка на инфлација, зголемениот извоз, стабилниот денар, фискализацијата, даночната регулатива, справувањето со сивата економија и високо регулиран банкарски сектор.

Како особено важен аспект и неизоставен дел од вкупната економска слика на државата, Трајковска ја потенцира борбата на работодавачите да останат на пазарот, да обезбедат работа за своите вработени, но и да обезбедат квалитетна работна сила.

„Мора да бидеме свесни дека и сите да заминеме на запад, мора да работиме, бидејќи без работниците не сте добредојдени никаде. Работодавачите се оставени сами на себе да се борат со нелојалната конкуренција, да изнаоѓаат пазари а во поново време и да се соочуваат со недостиг на кадар”, вели Трајковска.

Преземено од ЛОКАЛНО.мк