Организација на работодавачи на Македонија и Ректорот на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј” потпишаа Меморандум за соработка

Денес, 15.07.2021, Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј” во Скопје и Организација на работодавачи на Македонија потпишаа Меморандум за соработка.
ПРЕКУ ЗАКАЈНАТ ДИЈАЛОГ ДО УНАПРЕДУВАЊЕ НА КВАЛИТЕТОТ НА НАСТАВНИТЕ ПРОГРАМИ И УНАПРЕДУВАЊЕ НА ВРАБОТЛИВОСТА НА ДИПЛОМЦИТЕ
Водени од брзорастечките економски и социјални средини кои поставуваат нови предизвици и неопходноста од делотворен дијалог помеѓу високото образование и работодавачите со цел да се доближат наставните програми до потребите на пазарот на труд, а со тоа да се зголеми вработливоста на дипломците, Ректорот на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј” во Скопје, проф. д-р Никола Јанкуловски и Претседателот на Организација на работодавачи на Македонија, д-р Владанка Трајкоска потпишаа Меморандум за соработка.
Целта е низ долгорочна соработка и меѓусебна поддршка во понатамошните активности преку имплементирање на заеднички проекти да се задоволат потребите од високостручен кадар во сите сегменти на приватниот и јавниот сектор, континуирано приспособувајќи се на динамичните промени во овој домен.
Во координација со Центарот за кариера на УКИМ, партнерската соработка ќе се реализира преку:
 Реализација на практикантска обука на студенти за времетраење на студиите;
 Анализи за потребите од профили на кадри на пазарот на трудот;
 Реализација на заеднички проекти и вклучување на претставници на бизнис-заедницата во процесите на осовременување на студиските програми и креирање нови студиски програми во согласност со потребите на пазарот на труд
 Заедничка партиципација во проекти финансирани од земјите членки на Европската Унија, како и користењето на останатите меѓународни фондови за развој на земјите од Западен Балкан; и    
 Создавање во континуитет, креативна интелегенција која ќе биде водич или стимулатор за секој поединец во функција на креирање на успех.
На потпишувањето на Меморандумот беа присутни и проректорите, проф. д-р Биљана Ангелова, проф. д-р Валентина Гечевска, проф. д-р Ордан Чукалиев,  координаторот на центрите за кариера на УКИМ, проф. д-р Јасмина Тониќ Рибарска и извршниот директор на Организација на работодавачи на Македонија Светлана Ристовска- Антиќ.