Интервју со Ангел Димитров: Битно е брзо да се формира Влада што ќе се зафати со проблемите во стопанството

Интервју со Ангел Димитров: Битно е брзо да се формира Влада што ќе се зафати со проблемите во стопанството
19/07/2020 20:55
Ангел Димитров

Текстилните фабрики се соочуваат со многу предизвици – намалени нарачки, но и отежнати услови на стопанисување, вели Ангел Димитров, Претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија и Претседател на одборот на директори во „Мода“ – Свети Николе. Тој најавува дека од утре ќе продолжи производството во „Мода АД“ и „Камотекс ДООЕЛ“, кои изминатите десетина дена беа затворени поради појава на корона вирусот кај дел од вработените

Мирче Јовановски

За текстилната индустрија, но и стопанството во целина, е од големо значење новата влада да се формира што побрзо и да се зафати со решавање на наталожените проблеми со кои се соочуваат компаниите, вели Ангел Димитров, Претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија и Претседател на одборот на директори во „Мода“ – Свети Николе. Текстилните фабрики се соочуваат со многу предизвици – намалени нарачки, но и отежнати услови на стопанисување. За оваа трудоинтензивна дејност голем товар се и вработените кои согласно мерките на Владата не одат на работа, но редовно примаат плата.

Димитров најавува дека од утре ќе продолжи производството во двете светиниколски текстилни фабрики – „Мода АД“ и „Камотекс ДООЕЛ“, кои изминатите десетина дена беа затворени поради појава на корона вирусот кај дел од вработените. Компанијата самата направи скрининг на сите вработени кои одеа на работа, а за да го намали ризикот, решено е производството во наредниот период во двете фабрики да се одвива во една смена, а не во две како до сега.

„Утре почнуваме да работиме во една смена. Имаме многу луѓе што се отсутни и се во изолација, така што и во превозот нема да има мешање на смените. Ќе пробаме со ваква тактика, иако ќе не чини многу бидејќи ќе плаќаме две смени, а ќе работи една. Но, се со цел да спречиме вирусот да се шири бидејќи сега точно знаеме кој работник е позитивен, а кој не“, вели Димитров за Независен и додава дека една недела ќе работи едната смена, следната недела ќе работи другата. „Сите сме загрижени, преземаме нешто што мислиме дека во овој момент е најпаметно“, вели тој.

Во двете фабрики има вкупно 730 вработени, но согласно владините мерки (чување на деца до 10 години или по основ на хронични заболувања), дел од нив беа дома. Од оние кои еа на работа и кои беа тестирани, 53 беа позитивни, што според Димитров е очекувано бидејќи на ваков начин се откриваат и оние кои се асимптоматски.

Господине Димитров, сега кога завршија изборите што очекуваат стопанствениците?

Битно е брзо да се формира новата влада, да се преземат мерки. Дел од вработените во компаниите согласно владините мерки седат дома, а фирмите им исплатуваат плати. Тоа не само што тоа е трошок за нас, туку ги демотивира оние кои одат на работа. Затоа што оние кои седат дома не ризикуваат ништо, а земаат иста плата како оние што одат на работа. Тие се почесто велат „ќе најдам доктор кој ќе ми даде потврда дека боледувам од хронична болест и ќе седам дома“. И тоа зема замав и се злоупотребува.

Како очекувате државата да ги регулира тие работи?

Ако државата нема пари да плаќа 14.500 денари за сите, барем да преземе дел од товарот за оние што седат дома, на пример нето платата, а придонесите да ги плаќаме ние. Да го поделиме товарот. Бидејќи месец – два се издржува, но на долг рок е голем товар за компаниите. Мора да се внимава на се, да се задржат што повеќе фирми живи, затоа што во спротивно Буџетот ќе претрпи големи штети. Ако пропаднат многу компании ќе се јави проблем и со плаќање за најегзистенцијалните потреби на државата, на здравството, на полицијата, на војската. Македонија е многу мала економија и лесно може да претрпи големи штети.

Каква е состојбата во текстилните фабрики во Штип и во Свети Николе, каде што дојде до застој на производството поради корона вирусот?

Факт е дека ако се прави скрининг на поголем број работници, во просек околу десетина отсто ќе покажат дека имаат вирус. Најголемиот број од нив, околу 80 отсто, немаат никакви симптоми и ако не се прави скрининг тие нема да го зголемат бројот на официјално заразените бидејќи не се јавуваат ниту на матичен лекар, но од друга страна заразуваат други. Иако некои мислат дека непотребно се прави скринингот, сепак сметам дека е добро што го направивме за да се спречи натамошното ширење на вирусот. Но, како што времето одминува, проблемите со вирусот остануваат. Мислам дека полека сите ќе го менуваме односот кон него и дека здравството ќе почне да ги лечи оние кои навистина се болни и што имаат симптоми, а ќе нема капацитети да прави некои поголеми испитувања. Овој скрининг го плативме ние самите од фабриките, не го плаќаше Министерството за здравство.
Ако се земат статистичките податоци од 2015 година наваму ќе се види дека текстилната индустрија била хронично болна уште пред појава на корона вирусот

Покрај здравствениот аспект пандемијата има и сериозно економско влијание. Колку ги погоди текстилните компании?

Има огромен импакт. Ако направиме аналогија со хроничните болни кои се ризични на КОВИД и ако се земат статистичките податоци од 2015 година наваму ќе се види дека текстилната индустрија била хронично болна уште пред појава на корона вирусот. Бројот на работници опаѓаше по околу 5,5 проценти годишно. Во такви услови проблемите што ги носи корона вирусот ќе бидат многу, многу тешки за оваа гранка. Најпрвин, поаѓајќи дека побарувачката за текстилни производи во Западна Европа, а особено во Германија која е нашиот најголем партнер, е драстично падната, некаде 70 проценти. Тоа ќе предизвика помалку нарачки, помалку работа во идниот период и мислам дека некаде во септември-октомври ќе биде врвот на таа криза, на падот на побарувачката. Први ќе паднат компаниите кои и претходно имале финансиски потешкотии или поголеми долгови, додека оние кои имаат стабилно финансирање, кои немаат кредити во вакви услови можеби ќе издржат два-три месеци. Но, проблемот е што овде се работи за трудоинтензивна дејност каде што ние, да речеме, имаме некаде 20 отсто од луѓето кои седат дома по основ на чување деца кои не се во градинка, по основ на хронични болни, бремени жени и тн, што е на наш товар. Финансиската помош беше за април, мај и за јуни, но од јули веќе нема поддршка. Овие луѓе ќе си седат дома, а ние ќе ги плаќаме, што исто така ја оптоварува целата работа. Дополнително, ако се јават проблеми и застои поради вирусот и ако дојде до нови затворања, предизвикани од корона кризата, работите уште повеќе ќе се влошат.

Колку текстилни фабрики се затворени во моментов?

Моментално има затворено четири текстилни фабрики во Штип и две во Свети Николе.

Колку ја чини просечно некоја фабрика доколку не работи? Колкави се економските загуби не само за плата, туку од раскинати договори, задоцнети испораки, загубени купувачи…?

Зависи од бројот на вработени, отприлика 500 евра по човек месечно. Тука не е само бруто платата, туку и другите давачки кон државата, годишните одмори, празниците… сето тоа влегува во тој износ. Треба да работите десет месеци, а да остварите приходи за 12 месеци, бидејќи околу еден месец се празниците, а еден месец е годишниот одмор. Трошоците би биле многу поголеми доколку поради доцнење се пресметаат и казнени пенали кои дневно може да достигнат и до 1.000 евра. На пример, за испораките што треба да ги направиме до 31 јули, сега заради принудното затворање од две недели поради КОВИД-19, ќе бидат испорачани по 15 август. Тоа би биле дополнителни штети, но се надевам дека партнерите ќе имаат предвид дека станува збор за виша сила. Во сите договори што ги правиме, во услови на виша сила, не би требало да пресметуваат такви пенали.

Текстилната индустрија во почетокот на кризата брзо се снајде – се преориентира кон шиење маски и покажа прилично добри резултати. Како стојат сега работите?
Тој период беше многу краток. Маските помогнаа максимум еден месец бидејќи потоа големите светски компании, па дури и оние што не се занимаваат со текстил, купија автоматски машини за правење маски кои чинат од 600 илјади до 1,2 милиони евра и каде што учеството на работна рака е минимално. Таквите маски се многу поевтини во споредба со цената која ние ја имавме. Така што, не се исплаќа шиењето. Нас што ги шиеме рачно маските, односно на машина, производството не чини поскапо, маските не може да ги продаваме под 25 центи. Автоматските машини чинат многу, но затоа добиваат масовно производство и многу пониска цена по единица производ. Така што тој период траеше кратко, сега веќе речиси никој не шие маски.
Се што било согласно препораките на Комисијата за заразни болести е применето

Дали поради корона кризата може да дојде до прекин на некои деловни односи со клиенти од странство?

Со некои веќе е дојдено затоа што некои текстилни компании и некои брендови веќе прогласија банкрот во Германија, значи не постојат. Тоа значи дека и ние ќе немаме работа и ќе затвориме. Ако, на пример, пропаднала некоја компанија таму, оние што шиеле за неа лесно може да се случи да затворат, бидејќи не може брзо да се најде нов пазар и нови купувачи. Во вакво време на огромен пад на продажабата тешко се наоѓа нова работа.

Од „Гласен текстилец“ укажуваат дека проблемот со заразени во текстилните фабрики е поради непочитување на мерките за превоз на вработените, а некаде и на условите за работа во самите фабрики. Зарем не може да се надминат ваквите недоследности?

Тоа е нивно видување. Јас не верувам дека нашите работници се заразени при превозот затоа што и МВР врши контрола на транспортот. Согласно препораките во автобусот можат да се возат максимум 50 отсто од неговиот капацитет. Ако автобусот е регистриран за 80 лица може да се превезуваат 40. Плус тоа ако носат сите маски ризикот се намалува дополнително. Страшно е кога некои од работниците се уверени дека вирусот не постои, дека се е измислено, дека е теорија на заговор, како што некои пишуваат на Фејсбук и на други социјални мрежи и не ги почитуваат мерките внатре во фабриката, без оглед што на работното место ќе обезбедите растојание од два метри, што е лесно за сите оние кои што имаат поголеми фабрики. Но, вработените излегуваат надвор, излегуваат во ходник, на пауза за ручек, не можете нон-стоп да ги следите и да проверувате дали држат растојание. Многу е битно држењето дистанца, но за жал некои од нив не се свесни за проблемите што ги носи вирусот и тие најмногу заразуваат. Најопасни се оние кои не чувствуваат симптоми, а се веќе заразени.

Сепак, дали работовачите се свесни дека ќе претрпат повеќе штета, односно загуба, доколку поради заразата фабриките останат затворени, отколку ако ги почитуваат препораките за превоз и во фабриката?

Работодавачите се свесни, но почитувањето на мерките не е ‘он-оф’, односно не е се црно – бело. Значи вие може да обезбедите дистанца на работните места, ограничен капацитет при превоз и тн. Но, тоа со ништо не гарантира дека некој од вработените нема да почитува и без маска ќе разговара со некој друг оддалечен петнаесетина сантиметри. Ние имавме три контроли, и републички и општински и регионални, мерките целосно се почитуваат. Но, вие не може човекот да го направите робот. Секој си има сопствени ставови, дали се плаши од вирусот или не. Тој може да се шета, да оди во кафеана или на друго место и некаде да се зарази. И потоа ќе дојде на работа и ќе го пренесе вирусот на другите.

Економските штети се огромни. Што може да се направи ризиците да се сведат на минимум?

Ние единствено ново што ќе направиме од утре е да почнеме да казнуваме кој нема да носи маска. До сега само повикувавме, лепевме наредби, но очигледно дел од луѓето не ги почитуваат тие наредби. Ни тоа не е добро решение, некого да казнуваш, но очигледно за оние кои не слушаат мора да има казни. Исто така, построга контрола на влезот – дали сите се дезинфицираат, дали проаѓаат преку сунѓерот со дезифициенс… Мора да се работи на дисциплината. Друго нема што повеќе да направиме. Се што било согласно препораките на Комисијата за заразни болести е применето.