ОРМ очекува успешни избори и брзо формирање на стабилни институции кои ефикасно ќе се справат со економските последици од Ковид-19 кризата

ОРМ очекува успешни избори и брзо формирање на стабилни институции кои ефикасно ќе се справат со економските последици од Ковид-19 кризата

 

Скопје,22.06.2020 – Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) ги повикува политичките партии што учествуваат на претстојните парламентарни избори, во своите изборни програми да понудат конкретни решенија за надминување на економските и социјалните последици од Ковид-19 пандемијата. ОРМ очекува изборитеда бидат успешни и да овозможат брзо формирање на стабилни институции кои, преку ефективен социјален дијалог со работодавачите и синдикатите, ќе креираат адекватни економски мерки и политики за надминување на актуелната криза.  

Резултатите од анкетата што неодамна ја спроведе ОРМ покажаа дека Ковид-19 кризата има големо влијание кај над 80% од домашните компании, а дури 40.000 работни места се наоѓаат во непосреден ризик.Над 70% од анкетираните компании сметаат дека за да ја одржат својата економска активност потребно е да продолжи државната помоши истата да се прошири со даночни олеснувања и дополнителна кредитна поддршка.

„Анкетата јасно покажува дека бизнисот смета на понатамошна поддршка од државата во надминувањето на последиците од актуелната криза, што станува сосема јасно дека ќе биде долготрајна и ќе зафати многу сектори. За да се даде соодветен одговор на тековните и идните предизвици неопходни се силни институции, а предуслов за тоа е брзо формирање на стабилна Влада и функционално Собрание кои ќе работат на реализација на економска програма која ќе содржи ефикасни решенија за наминување на последиците од актуелната криза и враќање на патеката на економски раст. За да се креира и спроведе ваква економска програма неопходно е политичките партии уште во изборната кампања да ја стават економијата како еден од врвните приоритети и да понудат јасни и конкретни предлози“, вели претседателот на ОРМ, Ангел Димитров.

Истовремено, ОРМ апелира до своите членки и целокупниот бизнис сектор во земјата да преземат одлучни чекори со кои ефикасно ќе ги адаптираат своите деловни активности и процеси кон економските текови предизвикани од новата реалност.

„Јасно е дека како бизнисмени и претприемачи се соочуваме со предизвици кои се без преседан во поновата историја на човештвото. Токму ваквите предизвици би требало да претставуваат дополнителен мотив и поттик за будење на претприемачкиот дух иинвентивноста, особено кај младите, но и кај поискусните бизнисмени. Бизнисот не може и не треба да се „потпира“ единствено на поддршката од државата. Сега е време кога треба да се делува похрабро, па дури и по цена за зголемен деловен ризик, во внесувањето на промени во работењето, во реализација на нови инвестиции и деловни потфати што ќе ја зголемат продуктивноста, ефикасноста и ќе отворат нови перспективи за развој на бизнисот во новата реалност“, смета Димитров.

Организацијата на работодавачи на Македонија е единствен репрезентативен член на работодавачите во Националниот Економско-Социјален Совет, каде уште од почетокот на актуелната криза поднесува предлози за полесно надминување на последиците врз домашната економија.Активностите на ОРМ се поддржани од Проектот „Зајакнување на социјалниот дијалог“, што е финансиран од Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот (МОТ).