Финална конференција во рамките на проектот „Извозен акцелератор за мали и средни претпријатија“

Почитувани,

 

На 5-ти Декември 2019 (Четврток), во Скопје, Хотел Бест Вестерн- Турист, со почеток во 10:00 часот се одржа завршната конференција за проектот „Извозен акцелератор за мали и средни претпријатија“, кој е финансиран од Европската Унија. Воведно обраќање на завршната конференција имаше г-дин Ангел Димитров–Претседател на Организација на Работодавачи на Македонија- ОРМ, а за клучните елементи и резултати од проектот говореа г-ѓа Ивана Карчицка– Тим Лидер на проектот, г-ѓа Белинда Николовска – Лидер на активност 1 и 2, како и експертите г-дин. Карло Змајшек и М-р. Сузана Игнатовиќ – Алексова. 

Претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија Г-нот Ангел Димитров истакна дека согласно нивото на развој на нашата економија, индустријата се уште треба да биде носител на развојот: - “Македонија својата конкурентност треба да ја темели на новите технологии, зголемената продуктивност и извозот на своите производи. За да ја оствари оваа цел, покрај потребниот капитал за набавка на современа технологија потребно е да имаме едуцирани работници, како во производството, исто така и во пласманот на производите. Затоа со овој проект посебно внимание се посвети на испитувањето на пазарот, извозните процедури и стандардите за извоз на производи на странските пазари.”

Целта на проектот е да се подигне конкурентноста на МСП и прагматично да придонесе во имплементацијата на националните стратешки документи за конкурентност. Проектот придонесе за постигнување на конкурентска одржлива предност на извозот на прехранбено-преработувачката индустрија и ќе им помогне на МСП во интернационализацијата, подигање на извозниот капацитет и можности. Конкретните бенефити од проектот за фирмите – учеснички беше директната експертска поддршка во подготовката на извозната процедура и документација и други поврзани извозни активности.

Во конкретните резултати се вбројуваат:

- Изработена Бизнис анализа за извозните можности во Бугарија и Шведска за прехранбено- преработувачки производи од С. Македонија, во електронска и печатена форма;

- Спроведени се Основна и Напредна обука за извоз на МСП, каде се работеше на техничката подготвеност, градење нови вештини и знаења за извоз со вкупно 14 компании;

- Како резултат по обуките се изработи и издаде Прирачник за извозво електронска и печатена форма; развиени се Веб платформа http://rabotodavaci.mk/и апликација за извоз https://play.google.com/store/apps/details?id=com.orm.app;

- Четири (4) Демо мали проекти за извоз на прехранбени производи од С. Македонија на регионални пазари, два со кондиторска индустрија (Милина свитс и Гранд експорт) и два со конзервна индустрија (Аграр Ко и Кривогаштани Промет) и изработен е Документ со препораки за креирање на политики за извоз. 

Сите извештаи и публикации се достапни во електронска форма на веб платформата http://rabotodavaci.mk/;  и апликацијаta https://play.google.com/store/apps/details?id=com.orm.app; 

 

Проектот има иновативен пристап при зајакнување на поддршката за извозна конкретни производи, со што е овозможен директен бенефит завклучените МСП. Во склоп на евалуација за извозна подготвеност на учесниците спроведена на крајот на проектот, тие се изјаснија дека Проектот треба да продолжи со акцент на зајакнување на капацитетите на конкурентност на компаниите, зајакнување на капацитетите на компаниите за користење на ЕУ фондови и Иновативност во сферата на преработувачката индустрија за храна. 

Креаторите на политиките кои влијаат на извозот треба да ги земат во предвид следниве аспекти и препораки кои се однесуваат на кондиторската и преработувачката индустрија на овошје и зеленчук: 

1. Зголемување на достапноста на кредити;

2. Поедноставување на регулативата;

3. Подобрување на собирањето и дисеминацијата на информации за странските пазари;

4. Подобрување на соработката меѓу економските чинители;

5. Комбинирање на краткорочни и долгорочни политики за раст на извозот;

6. Стратешка соработка помеѓу различните нивоа на власта (локално и национално ниво) и приватното се смета за клучен елемент за успех во политиката;

7. Институционалната комплементарност и комплементарноста на политиките се најважни;

8. Намалување на тарифите за увоз и/или извозните давачки;

9. Намалување на природните бариери во трговијата;

10. Зголемување на извозните и/или увозните квоти;

11. Зголемување на понудата и/или продуктивноста на факторите на производство што се бараат во извозниот сектор;

12. Иновација во методот на производство на извозниот производ или во природата на самиот производ.

 

Проектот „Извозен акцелератор за мали и средни претпријатија“, финансиран од ЕУ, во изминатите 24 месеци беше спроведуван од Организацијата на Работодавачи на Македонија (ОРМ) и Институтот за динамичен развој СФЕРА-НОВА.

За дополнителни информации околу конференцијата и проектот обратете се кај Светлана Ристовска – Антиќ на e-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.; или на телефон: 02/ 3215 085.

 

Извозен акцелератор за мали и средни претпријатија,

Проектен тим