Зголемувањето на минималецот ќе влијае негативно врз Македонија

Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија, објаснува дека платите на секторите земјоделство, преработувачка индустрија и градежништво секаде се пониски од просечната плата и дека тие секогаш се наоѓаат под просекот, затоа што имаат помала додадена вредност, која е резултат на помалите вложувања по единица работник.

– Анализите на статистичките податоци покажуваат дека како резултат на зголемувањето на минималната плата имаме поголем пораст на просечната плата кај преработувачката индустрија, градежништвото и земјоделството отколку порастот на гранките што имале повисоки плати од просечната – нагласува Димитров.

 

Тој додава дека просечната плата во земјоделството во 2018-та во однос на 2017 година пораснала за 8,7 отсто, кај производството на облека 11,8 отсто, кај изградбата на згради за 11,6 отсто.

– Оваа тенденција се гледа и од анализата на другите податоци, како на пример фактот дека по зголемувањето на минималната плата на 12.000 денари, сега поголемиот број работници земаат плата блиску до минималната плата, што покажува дека платите повисоки од просечната плата имаа помал пораст. Според овој податок, можеме да забележиме дека дојде до „изедначување“ на платите на оние што земаа пониска плата од новата минимална и оние што од пред покачувањето ја земаа оваа плата – истакна Димитров.

 

Заклучокот, вели тој, е дека порастот на минималната плата имаше значителна улога во покачувањето на просечната плата во државава.

– Новото покачување на минималната плата на износ од 12.500 денари доведе до ситуација кога минималната плата достигна над 50 отсто од просечната плата и покажува дека нивото на минималната плата во Македонија е поставено доста повисоко од нивото во повеќето земји членки на ЕУ, каде што се движи околу 45 отсто – нагласува претседателот на ОРМ.

 

Димитров смета дека не смее да се дозволи порастот на минималната плата да не ја следи продуктивноста.

– Ако со административна т.е. политичка одлука минималната плата се зголеми многу повисоко од порастот на продуктивноста, ќе добиеме уште поголема уравниловка и ќе се намали продуктивноста кај подобрите работници. Ова ќе влијае негативно на конкурентноста на нашите компании на светските пазари и, се разбира, ќе влијае негативно на вработеноста – појаснува Димитров.

 

 

Превземено од: https://www.novamakedonija.com.mk/ekonomija/%D0%B7%D0%B3%D0%BE%D0%BB%D0%B5%D0%BC%D1%83%D0%B2%D0%B0%D1%9A%D0%B5%D1%82%D0%BE-%D0%BD%D0%B0-%D0%BC%D0%B8%D0%BD%D0%B8%D0%BC%D0%B0%D0%BB%D0%B5%D1%86%D0%BE%D1%82-%D1%9C%D0%B5-%D0%B2%D0%BB%D0%B8%D1%98/