ШТО ДОНЕСОА ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА МИНИМАЛНА ПЛАТА

Анализа  од Ангел Димитров-Претседател на организацијата на работодавачи на Македонија

МАЛКУ ИСТОРИЈА

    На крајот од 2011 год. Собранието на РМ донесе Закон за минимална плата во Република Македонија, кој отпочна да се применува со платата за месец Јануари 2012 год. Законот беше објавен во „Службен Весник на РМ“ бр. 11/12 и некои тоа го сметаа како „историски момент“ затоа што до тогаш во Македонија минималната плата или „најниската плата за одделни степени на сложеност“ се  регулираше со грански колективни договори.
    Висината на минималната плата изнесуваше 39,6% од просечната бруто плата во Републиката за претходната година, согласно  со податоците објавени од Државниот завод за статистика. Вака пресметаната минимална плата изнесуваше 8.050 денари во нето износ.

    За одделите кои во Јули 2011 год. имаа исплатена просечна плата под нивото од 15.600 денари во бруто износ, се предвиде период на усогласување од 3 години, така што тие за 2012 год. имаа минимална плата пониска за 22,2%, за 2013 год. за 14,8% и за 2014 год. за 7,4% .Тоа беа одделите 13-Производство на текстил, 14-Производство на облека и 15-Производство на кожа и слични производи.

    Првиот проблем се појави уште во 2013 год. кога во Февруари 2013 год. Заводот за статистика ја објави просечната бруто плата за 2012 год. Согласно Законот за минимална плата Економско социјалниот совет на РМ требаше да ја утврди висината на минималната плата за 2013 год и да ја достави до Министерството за труд и социјална политика истото да ја објави. Но бројките покажуваа дека просечната плата за 2012 год. не само што не е зголемена туку имаше мал пад во однос на 2011 год. Затоа ЕСС му предложи на МТСП минималната плата да остане на нивото од 2012 год. во износ од 8.050 денари, а зголемување да се изврши само на одделите 13, 14 и 15 од 6.263 денари на 6.859 денари согласно претходно утврденото усогласување.

    Веќе во 2014 год. Владата одлучува да го смени концептот за минимална плата и наместо процент од платата остварена во минатата година одлучи да се утврди фиксен износ и тоа 13.140 денари во бруто или 8.800 денари во нето износ за 2014 год., 9.590 денари  за 2015 год. и конечни 10.080 за 2016 година. За одделите 13,14 и 15 таа за 2014 год. изнесуваше 7.700 денари со постепено покачување во 2018 год. да ја достигне минималната плата од 10.080 денари.(„Службен весник на РМ“ бр. 30/14 од 10.2.2014 г., во сила од 18.2.2014 година).

    Ваквото поголемо покачување не предизвика некои поголеми негативни реперкусии во поглед на напуштање на работници, а статистичките податоци покажуваат дека во периодот Фебруари 2014 год. до Март 2017 год. просечната нето плата во Републиката пораснала за 7,2%, а во одделот 14-Производство на облека дури за 22,9%. Ова зборува дека притисокот од минималната плата се почуствувал само кај одделите со нај ниски плати додека не предизвикал поголемо покачување на одделите кои имаат повисоки плати.
     


ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА ОД 2017 ГОД.

    Сегашната владеачка партија уште во својата пред изборна програма вети дека ако дојде на власт ќе донесе Закон за минимална плата со кој минималната плата ќе ја подигне на износ од 12.000 денари уште во 2017 год.  и таа ќе важи и за одделите текстил и кожа. За да не се предизвика напуштање на работници, тие предвидоа финансиска помош за оние кои имале пониски плати пред донесување на законот.
    Затоа уште со првите денови на владеење, новата Влада се зафати со измени и дополнувања на Законот за минимална плата.
    Законот се објави во „Службен весник на РМ“ бр. 132/17, а стапи во сила од 20.09.2017 год. Во членот 10 од измените и дополнувањата беше регулирано дека висината на минималната плата во бруто износ почнувајки од  месец  септември 2017 година па  заклучно со  јуни 2018 година, изнесува 17.130 денари или 12.000 денари во нето.

    Со измените не се смени дефиницијата за минималната плата и таа остана како „најнискиот месечен износ на основна плата која работодавачот  е должен да му ја исплати на работникот за работа извршена за полно работно време и исполнет нормиран учинок“. Но истовремено во членот 2 се додадоа три нови става кои треба да ги спречат работодавачите да го злоупотребуваат нормираниот учинок.
-став  (2)  Нормираниот учинок се утврдува од страна на работодавачот, секоја година, во февруари, врз основа на критериуми на ефикасност на производниот процес, утврдени од страна на работодавачот во соработка со работниците, а кои критериуми мора да се исти за секоја техничко - технолошка целина кај работодавачот,
-став (3) Нормираниот учинок од ставот (2) на овој член  треба да е остварлив за најмалку  80% од  бројот  на вработените за  секоја техничко - технолошка целина, пооделно и
 -став (4) Работодавачот е должен, на крајот на секој месец,  на работникот да му издаде потврда за остварениот нормиран  учинок, заедно со писмената пресметка на платата.
Овие измени предизвикаа одредени нејаснотии и дилеми кај некои работодавачи, па затоа МТСП заедно со Организацијата на работодавачи и Државниот инспекторат на труд донесоа „Насоки за примена на Законот за минимална плата во Република Македонија“. Во насоките особено се потенцира дека:
    - Ставовите 2,3 и 4 од членот 2 и ставот 1 од членот 7-б се однесуваат само на работодавачите кои исплаќаат плати во висина на минималната  плата  согласно Законот.  Ова значи дека кај работодавачите за работни места кои не се нормираат, не се однесуваат  одредбите од Законот  за минимална плата за нормираниот учинок. 
Исто така се укажува дека работодавачите кои исплаќаат плати повисоки од минималната, немаат обврска за утврдување на нормиран учинок согласно Законот, ниту пак обврска за издавање на потврди за остварениот нормиран учинок.
Понатаму, на работодавачите кои имаат воведено нормиран учинок и оние кои сакаат да го воведат во своето работење им се насочува дека  треба да донесат интерен акт , кој  особено би требало да содржи:
- назив  на работните места за кои се врши нормирање;
-методот на нормирање  може да се  врши врз основа на примена  предходно искуство, самостајни мерења, самостојни проценки   и сл.
-мерењето на резултатот, односно нормираниот учинок треба да е мерлив изразен во количини, време, вредност и сл.
Исто така се укажува дека нормирањето може да се воведе само за работните задачи за кои обемот на работењето може егзактно да се измери.
Во врска со потврдата за остварениот учинок се укажува дека, кога процентот на остварениот нормиран учинок е наведен во месечната пресметка на плата, работодавачот нема обврска да издава посебна потврда.
Со измените се измени и начинот на усогласување на минималната плата. Така, за разлика од порано, кога како основ за усогласување се земаше само со порастот на
просечно исплатената плата на сите вработени во Република Македонија за претходната
година,сега таа се усогласува со:
- една третина од порастот на просечно исплатената плата во Република Македонија;
- една третина од порастот на индексот на трпшоците на живот и
- една третина од реалниот пораст на бруто домашниот производ, за претходната година.


ФИНАНСИСКА ПОМОШ

    Со измените исто така е предвидена финансиска помош за компаниите кои во месеците Јануари, Февруари и Март 2017 год. имале исплатувано плати пониски од 11.500 денари. Финансиската помош изнесува 2.000 денари за плати до 10.000 денари, 1.500 денари за плати до 10.500 денари, 1.000 денари за плати до 11.000 денари и 500 денари за плати до 11.500 денари. Финансиската помиш за месеците Март 2018 до Август 2018 се намалува за 50%.
 Финансиската помош ги следува  работодавачите кои ги исполнуваат  следниве услови:
- работодавачот да не е ослободен од плаќање на придонеси од задолжително социјално
осигурување или персонален данок на доход за вработеното лице од членот 4-а став (1)
од овој закон;
- работодавачот да има статус на активен обврзник, односно да не е во постапка на стечај
или ликвидација или постапка на бришење согласно сп членовите 477, 477-а , 552-а и
552-б од Законот за трговските друштва;
- работодавачот во 2016 година да остварил загуба или нето добивка по оданочување во
износ помала од 10% од вкупните расходи,
- работодавачот да ги има подмирено обврските по основ на плата, придонеси од
задолжително социјално осигурување и даноци, заклучно со последниот ден од месецот
за кој се обезбедува финансиската помош.

Министерот  за труд и социјална политика   во согласност со министерот за финансии, донесе Правилник за начинот на обезбедување на финансиската помош за исплата на минимална плата. Во правилникот е уредено дека при поднесување на Месечната пресметка за интегрирана наплата до Управата за јавни приходи (МПИН) , за периодот од септември  2017 година - август 2018 година, од страна на работодавачот се означуваат вработените лица за кои се бара обезбедување на финансиска помош за исплата на минимална плата, со шифра 401 во поле 3.23 од клиентскиот софтвер. На овој начин се олесни постапувањето на работодавачите бидејки не беа приморани да поднесуваат посебни барања во хартиена форма и да обезбедуваат докази дека ги исполнуваат критериумите од членот 4-в од Законот.
Но за жал се појавија и одредени проблеми, како на пример:
-При пресметката на просечниот износ на исплатена месечна нето плата за месеците Јануари-Март 2017 год. неможе да се одбие додатокот за прекувремена работа (35%), иако според ставот (2) од членот 4-б од Законот стои дека во просечниот износ на нето плата не се пресметува додатокот за прекувремена работа;
-При пресметката на просечниот износ на исплатена нето плата исто така не е возможно да се издвои додатокот од 0,5% годишно по основ на работен стаж иако во законот во членот 2 минималнта плата се дефинира како основна плата во која не влегуваат додатоците. Ова од проста причина што во месечната пресметка на плата –образецот МПИН не постои податок за овие додатоци и УЈП мораше да калкулира со вкупната месечната нето плата во која влегуваат сите додатоци на плата (за прекувремена работа, за работа на празник, за ноќна работа и за работен стаж).
На овој начин за голем број на работници работодавачите добија  известување дека не им следува финансиска помош иако согласно законот им следува.
-Софтверот на УЈП исто така ги исклучува работниците кои се вработени во Февруари и Март 2017 год. или работниците кои во некој од овие три месеци користеле боледување на терет на Фондот за здравствено осигурување и кои во некој од овие месеци немале барем еден ден остварени работни часови кај работодавачите.
-При изготвување на Законот исто така не се зема во предвид дека ќе се појават случаи кога во 2016 год. некои компании имале добивка повисока од 10% од вкупните расходи, ама таа добивка е остварена од продажба на недвижности или некои други приходи кои не потекнуваат од основната дејност на компанијата, а од основната дејност имаат загуба или многу мали добивки.
Имајки ги во предвид овие недоследности а и фактот дека финансиската помош е далеку помала од зголемените трошоци на компаниите, голем број на компании воопшто не поднесоа барање за финансиска помош и вкупно поднесените барања се драстично помали од очекуваните.

КАКО ПОНАТАМУ

Факт е дека последните измени на Законот за минимална плата донесоа значително зголемување на истата. Така, ако законот од 2012 год. висината на минималната плата ја утврдуваше на 39,6% од просечната нето плата остварена во минатата година, таа денес изнесува околу 53% од просечната нето плата во минатата година.Ова зголемување кај одделите 13,14 и 15 е уште поголемо. Сега кај нив минималната плата изнесува над 80% од просечната плата во овие оддели.
Компаниите се свесни дека покачувањето на платите само на работниците кои земале плата пониска од 12.000 денари, без да се покачат и повисоките плати ќе доведе до „урамниловка“ и пад на мотивираноста на работниците што од своја страна ќе предизвика пад на производството и услугите. Ваквото зголемување на вкупните плати ќе предизвика поголеми финансиски потешкотии особено во трудоинтензивните дејности.
Ако сакаме да спречиме затварање на некои производни погони и напуштање на работниците, Владата треба сериозно да размисли за воведување на систем на линеарно плаќање на придонесите за платите од 12.000 денари до 18.000 или 20.000 денари. Во тој случај придонесите би останале фиксни -5.130 денари за сите овие вработени кои земаат плата од 12.000 до 20.000 денари и на тој начин би се обезбедиле доволно средства за пораст на вкупните плати, што беше идеја и на самата Влада. Ова особено затоа што планираната финансиска помош, а со тоа и обезбедените финансиски средства со ребалансот на буџетот нема да можат да се искористат, а тие беа издвоени со цел да се спречат негативни ефекти од измените на законот.