Работодавачите од ОРМ активно учествуваат во преговорите со Владата

По предлог измените во Законот за минимална плата ,работодавачите од ОРМ учествуваа на сите расправи, седници на Економско социјалниот совет и консултации со Премиерот, вице-премиерот, министерот за финансии и министерката за труд и социјална политика, како и претставниците на синдикатите.

Последните забелешки по предлог измените на ЗМП, се однесуваат на предлогот за бришење на зборовите во членот 2 од истиот закон ‘и исполнет нормиран учинок.‘

Сметаме дека ваквата измена ќе предизвика многу негативни реперкусии, особено во индустријата каде заради одржување на продуктивноста е воведено нормирање на учинокот на вработените. Негативностите ќе бидат изразени преку отпуштање на послабите работници и зголемување на бројот на невработеноста.
Од досегашната примена на ЗМП, споредувајќи ги статистичките податоци за просечната исплатена месечна нето плата по вработен по оддлени гранки, очигледно е дека одредбата од ставот 2 на законот МП да биде врзана со полно работно време и исполнет нормиран учинок не беше пречка за зголемување на платите во трудоинтензивните дејности. Така во периодот од февруари 2014 година до март,2017 година просечната исплатена месечна нето плата по вработен во дејноста 14-производство на облека е зголемена за 22,9 % додека за истиот период просечната исплатена месечна нето плата по вработен во Републиката е зголемена само за 7,2%.
Точно е дека во одредени држави МП не е врзана со исполнет нормиран учинок , но во сите нив МП се движи од 30 до 40% од просечната плата. Во нашиов случај со зголемувањето на МП на 12,000 денари таа споредена со просечната плата во текстилната индустрија ќе изнесува над 88%. Ова ќе предизвика сите врабортени да се најдат во еден многу мал распон на платите и ќе предизвика демотивираност кај вработените кои реално ја остваруваат нормата и паѓање на продуктивноста. Во вакви услови дел од работодавачите ќе се обидуваат преку зголемени работни часови т.е.  неевидентирани прекувремени часови да ги задржуваат вработените на
работа се додека не го исполнат нормираниот учинок. А кога од страна на Државниот инспекторат за труд ова ќе биде констатирано следната мерка која единствено му останува на располагање е престанок на работниот однос на работниците кои не ја остваруваат нормата.

Во однос на предлогот  во членот 2 од Законот после зборовите "нормиран учинок" да се додадат зборовите "согласно актот на работодавачот". На овој начин ќе се оневозможат случаите кога работодавачот ќе сака да ја злоупотреби употребата на нормираниот учинок за да исплати пониски плати.Инспекторот за труд и социјална политика со контролата многу лесно може да утврди дали постои таков акт-правилник кај работодавачот и дали при пресметката на номите и на платите работодавачот го почитува актот. Се разбира дека преку податоците од МПИН образецот Управата за јавни приходи многу лесно може да утврди кои се тие работодавачи кај кои процентот на вработени кои земале плата под 12,000 денари е поголем и ваквите податоци ги испрати до ДИТ.

На крајот уште еднаш да укажеме на фактот дека се работи за многу осетливо законско решение, кое може да предизвика огромни турболенции во трудоинтензивните дејности со големи негативни последици и затоа треба да се донесе со целосен консензус на социјалните партнери, Работодавачите ,  Синдикатите и Владата на Република Македонија.